Skype во периодот што следи ќе пушти нова верзија од својата апликација која претставува најголемиот редизајн на истата досега. Изгледа конкуренцијата си го направи своето, па од компанијата сакаат да се приближат повеќе до стилот на конкурентите, а класичниот начин на комуникација познат за Skype да го остават за својата бизнис верзија и корисници.

Може да се каже дека скоро ништо не останува исто во новата апликација, освен се разбира основата намена за разговори и повици.

Сменето е логото при отворање на апликацијата, изгледот на истата, како и поставеноста на елементите на главниот екран.

Апликацијата сега е направена да повеќе им се допадне на младите корисници кои се и најголемите корисници на ваквите апликации, односно нивните нови функции.

Главната новина, која и прави Skype да добие целосно нов стил, е Highlights делот којшто во основа е како Stories на Instagram. Ова стана функција која веќе нема апликација која ја нема, а започна и стана успешна на Snapchat.

Highlights делот се наоѓа на левата страна од главниот екран и до истиот се доаѓа со повлекување со прстот.

Средниот дел е резервиран за разговорите, додека десниот за камерата, исто така функција истакната во другите апликации.

Новини има и во самите разговори, текстуални и видео. Корисниците сега добиваат можност да реагираат на пораките, слично како во Messenger, а исто така тие можат да додаваат ефекти и реакции во видео повиците.

Во разговорите исто така има посебен дел каде што може да се пребаруваат одредени работи, да се користат додатоци, како и да се разговара со ботови.

Во основа, Skype станува апликација прилагодена за модерниот начин на комуникација. За разлика од својата прва верзија, кога може да се каже дека направи револуција, оваа нова верзија воведува функции веќе достапни и популарни кај конкурентите.

Новата верзија прво ќе стане достапна на Android во текот на наредните недели, по што ќе следи и iOS верзијата. Десктоп апликациите на Windows и Mac ќе бидат надградени во наредните неколку месеци.

Извор: Skype

Претходна статијаZTE Nubia Z17 е најмоќниот смартфон со 8 GB рам и Snapdragon 835
Следна статијаGoogle Chrome ќе ги блокира рекламите кои не се по стандарди од 2018
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.