Microsoft почнувајќи од 21 април ќе започне со промена на својот Office 365 за домашни корисници, односно ќе го ребрендира во Microsoft 365. Оваа промена нема да ја зголеми цената на двата достапни пакети, а постојните корисници автоматски ќе бидат префрлени на новиот сервис.

Промената на именувањето на овој доста популарен сервис со скоро 40 милиони корисници во светот ќе донесе и доста новини, односно нови функции кај апликациите, како и нови апликации достапни за корисниците.

Новини добиваат скоро сите апликации кои им се достапни на корисниците со овој пакет. Во Word, Outlook.com, но и во Edge и Chrome преку додаток, станува достапна нова верзија од Microsoft Editor која на корисниците ќе им нуди предлози за кои зборови да ги употребат при пишување, а ова може да го направи и за цела реченица. Microsoft Editor исто така ќе може да им помогне на корисниците да проверат дали нивниот текст би може да се смета за плагијат.

Оваа можност сепак ќе биде корисна при пишување на англиски со оглед на тоа што не е достапна на македонски јазик, но веруваме дека во иднина ова ќе биде променето.

Excel ја добива новата Money функција која за почеток ќе функционира во САД. Ова донесува целосно организирано менаџирање на парите на корисниците со можност да се поврзе банкарската сметка за автоматско преземање на направените трошоци. Excel дури автоматски ќе ги категоризира трошоците, а за истите може да се гледаат извештаи кои ќе овозможат подобра слика за како се трошат парите.

Оваа програма добива и нови видови на податоци со што ќе се овозможи креирање на многу повеќе корисни табели. На пример, во Excel сега ќе може да се избере вид на податок храна, со што ќе може да бидат повлечени хранливите податоци за видот на храна кој е избран.

PowerPoint добива доста нови шаблони кои ќе им овозможат на корисниците да направат многу поубави презентации. Слајдовите многу лесно може да се направат да бидат поинтересни преку изборот на шаблоните.

Исто така, Presenter Coach сега ќе може да ги слуша корисниците и да им даде предлог за тоа како им звучи гласот, односно за нивото на тонот, како и предлози за тоа како подобро да се изразат за време на нивната презентација. Ова е одлична функција и е голема штета што не функционира на македонски јазик.

Сите овие новини, како и илјадници достапни нови шаблони, слики и видеа, им се достапни ексклузивно на претплатените корисници на Microsoft 365.

Новина со Microsoft 365 ќе биде и Microsoft Teams апликацијата која сега ќе им биде достапна и на домашните корисници. Со оваа апликација тие ќе можат да организираат фамилијарни активности, активности со пријателите и многу други работи досега достапни за организација на тимовите во компаниите.

Уште една апликација е новина за Microsoft 365, а тоа е Family Safety. Оваа апликација е во главно наменета за родителите кои ќе можат да имаат подобра контрола на тоа каде се нивните деца, кои апликации ги користат, колку време поминуваат на нивниот телефон и слично. Оваа апликација ќе може да праќа известувања кога одреден корисник ќе ја напушти некоја локација.

Повеќе информации за сите новини кои ќе бидат достапни со Microsoft 365 пакетите можете да прочитате на официјалната страна од Microsoft.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Windows Central
Претходна статијаМилиони луѓе ширум светот ги исклучија светилките во едночасовен еколошки мрак
Следна статијаКако старее Breaking Bad?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.