Shutterstock.com

Поминаа седум години од финалето на Breaking Bad, што го зацементира статусот на серијата како една од најдобрите на сите времиња. Во меѓувреме се појавија спинофот Better Call Saul, која убаво ја пополни празнината што се појави по завршувањето на Брејкинг, и соло филмот El Camino.

После толку години, карантинските околности ми отворија шанса за второ гледање и баш ме интересираше каков впечаток ќе ми остави овој пат. Како старее вакво ремек дело? Морам да признаам дека како и повеќе други луѓе, ми требаше време да се „качам на возот“. Првата сезона се движи бавно и се фокусира на претставување на ликовите, една од нејзините најсилни страни. Дури во третата сезона се залетува, онака филмски, кон височините што ги достигна. А статусот на серија што мора да се гледа, барем кај мејнстрим публиката, го заработува дури по крајот на третата сезона.

И, како старее?

Одговорот е лесен: си го заслужува својот култен статус и се’ уште нема оригинална серија со толку високо ниво на квалитет од почеток до крај. Каде што Game of Thrones и Lost се распаѓаат, Breaking Bad триумфира – на крајот, кога треба да се направи квалитетна и логична кулминација на се што се случувало претходно. Заради тоа и Винс Гилиген (креаторот на серијата), ја подели последната сезона на два дела, односно имаше простор од неколку месеци после првите осум епизоди за да се смисли квалитетен крај. Нешто што ужасно им беше потребно на креаторите на Game of Thrones, кои поради брзањето и тесниот распоред правеа аматерски грешки, и во приказната и во монтажата.

Breaking Bad ги избегнува сите тие грешки

Не познавам ниту една серија што може така да те натера да правдаш и навиваш за некој лик па после да почнеш да го презираш, дури мразиш. Тоа е само дел од моќта на Брејкинг. Трансформацијата на Волтер Вајт од професор по хемија што живее чекајќи ја, дури посакувајќи ја својата смрт, во Хајзенберг, его-манијакот кој е спремен да отруе дете за да преживее е нешто што нема да ти го приреди ниту една друга серија. Неговата манипулација на Џеси, чии нервни сломови стануваат посериозни од сезона во сезона, и ефектот кој неговата трансформација го има врз неговите жена и деца, се срцепарателни. Дури и на второ гледање, некои од сцените те тераат да запалиш цигара, иако не пушиш, или да гребеш по каучот од тензија. А сето тоа ти изгледа реално, како навистина да може да се случи.

Споредните ликови во Breaking Bad не се ништо помалку моќни од главните. Густаво Фринг, Хенк (ДЕА агентот кој му е баџанак на Волтер), Мајк и Саул се ликови кои се длабоко осмислени да и служат на приказната и си имаат своја позадинска приказна и мотиви со кои креаторите те хранат постепено, а ти сакаш повеќе.

Знаеме добро што се случува со серии како Lost, Westworld, Game of Thrones и други кога веќе не знаат каде да ја тераат приказната. За некои губиме време и ги гледаме до крај, за други слушаме од пријатели. Такво нешто едноставно не постои кај Breaking Bad. Од почеток до крај знаеш дека си во крајно вешти раце кои ја ценат довербата што им ја даваш.

Претходна статијаOffice 365 станува Microsoft 365, а корисниците добиваат нови можности и функции
Следна статија#ОстанетеДома, вежбајте со Неотел и CROSSFIT Скопје и #ОстанетеЗдрави