Следењето на сообраќај во реално време е работа која е достапна кај скоро сите навигации уште поодамна, но резултатите кои ги даваат дури и најдобрите навигации знаат да не бидат задоволителни. HERE е компанија произлезена од Nokia, која се бави исклучиво со развој на мапи и навигации и која сега е заедничка сопственост на германските компании за автомобили – Audi, BMW и Mercedes-Benz.

Благодарение на тоа, тие имаат ново решение за следење на сообраќајот во живо, односно ги користат сензорите од автомобилите и сите останати податоци со цел на останатите корисници на HERE мапите да им понудат богати информации за густината на сообраќајот. Покрај тоа, благодарение на се помоќните сензори во автомобилите, HERE сега ќе може да ги извести возачите и за евентуална несреќа која предизвикала застој на патот.

Најдоброто од се кај HERE Maps е што тие се отворени, односно се достапни за секој кој сака да влезе во еко системот. И ова не важи само за други прозводители на автомобили (иако и тие можат да влезат), но и за цели градови. На пример, информациите од автомобилите кои имаат HERE Maps можат да се користат за нивелирање на семафорите во реално време, со цел намалување на густината на сообраќајот на нивото на цел град, а истите информации дури можат да ги користат и пешаците на своите смартфони.

Со овие подобрувања, HERE повторно се наметнува како сериозен играч на сцената на мапи и навигации, кој може да му зададе прилично голем удар на Google и нивните Maps.

Извор: HERE, Engadget, TechCrunch

Претходна статијаAsus сам „протече“ четири свои нови смартфони
Следна статијаОтворен повик на Start Up Academy за граѓаните на Струмица