Google Street View е сервис кој постои веќе одамна и се надградува скоро редовно со нови погледи на градовите низ светот. Сега, пребарувачкиот гигант прави нова поголема надградба со подобри камери, кои значат и многу подобри фотографии од улиците кои ќе бидат снимени.

Според информациите од Google, новите камери ќе имаат повисока резолуција од 20 мегапиксели и наместо 15, ќе бидат наредени 7 во круг. Бидејќи се многу понови од претходниците, од нив може да се очекуваат и подобрени бои и контраст, што би требало да го доближи искуството поблизу до реалното.

Street View, покрај новите камери, сега ќе биде збогатен и со вештачка интелигенција. Поточно, се работи за компјутери со машинско учење со моќ на перцепција, кои можат да ги препознаат улиците, па и други називи што ги гледаат на фотографиите (како на пример McDonald’s) и да ги додадат на Street View.

Благодарение на тоа што компјутерите со машинско учење ќе се користат во толку голем проект како Street View, тоа на Google ќе му овозможи и подобро да ги развие алгоритмите за вештачка интелигенција, што е особено важно во време кога сите конкуренти забрзано работат на ваквите технологии.

Google планира да ја спои оваа технологија и со Assistant, кој го има во сите понови Android телефони и да му овозможи на корисникот да поставува прашања за некоја локација кои досега не беа возможни. На пример, тогаш може да го прашате Google Assistant „како се вика банката карши соборен храм?“ (морав да го преточам на македонски некако:)) и тој да го даде точниот одговор.

Извор: The Next Web, The Verge, ARS Technica

Претходна статијаGoogle Drive стана „пиратска Мека“
Следна статија91 жртвa за 8 месеци – РСБСП повикува на одговорно учество во сообраќајот!