На вчерашниот настан од Apple не беа претставени само новите iPhone 13 телефони, па од компанијата до некаде изненадија со нова генерација од одличниот iPad mini. Зависно за што го користите вашиот таблет компјутер, според нас мини верзијата од iPad останува една од најдобрите и најмногу удобни за користење.

Оваа година iPad mini добива целосен редизајн во споредба со застарениот којшто го имаше до претходната генерација. Иако Apple не ги означува овие таблет компјутери со бројки, се работи за шестата генерација од iPad mini.

Главната промена во изгледот се забележува веднаш, па истата вклучува екран со доста помали рамки околу него, а поради тоа и димензиите на екранот се поголеми, во истиот мал фактор карактеристичен за iPad Mini. Екранот сега е со големина од 8,3 инчи, а Home копчето веќе го нема и не е ни потребно, а Touch ID функцијата е преместена во копчето за заклучување на горната страна.

За жал Apple не се одлучи да на iPad mini му стави OLED екран, а не се ни одлучи да му стави стапка на освежување од 120 херци, нешто што секако не се ни очекуваше кога стана јасно дека екранот ќе остане во LED технологијата.

Резолуцијата на 8,3 инчниот екран е со 2266 на 1488 пиксели со што се добива нивна густина од 326 пиксели на инч. Екранот има максимална светлина од 500 nits, обложен е со слој против одблесок, а доаѓа и со поддршка за Apple Pencil.

Ако во нешто нема да заостанува iPad mini е во перформансите. Овој мал таблет доаѓа со најновиот чип од компанијата, А15 Bionic, што значи дека корисниците го добиваат најновото и најдоброто од Apple во овој момент.

Според Apple, новиот iPad mini донесува 40% подобрување во брзината во споредба со претходната генерација, а дури 80% подобрување во перформансите на графиката.

Новиот iPad mini ја добива Center Stage функцијата која беше достапна во iPad Pro, па предната камера со 12 мегапиксели кој е и ултра широка, ќе може да го следи корисникот и да зумира на него додека се движи за време на видео разговорите. Камерата исто така ќе може да забележи кога двајца корисници се во кадарот, па да ја прилагоди сликата соодветно.

На задната страна повторно е поставена само една камера, но iPad mini не е тука за сликање, секој има и мобилен телефон кој подобро ја врши таа активност. Камерата е со 12 мегапиксели, а оваа година модулот за камерата излегува од уредот.

Да Apple се имаат одлучено за OLED екран со 120 херци стапка на освежување, овој таблет можеби ќе беше и најдобриот на пазарот во својата категорија, иако и без овие две карактеристики iPad mini најверојатно ја држи оваа титула.

Уште една новина е вредна да се истакне, а тоа е додавањето на USB-C порта, па корисниците сега ќе можат да ги користат повеќето кабли кои се прифатени на пазарот, а не стриктно тие од Apple.

ИЗВОРApple
Претходна статијаСо новите iPhone 13 Pro и iPhone 13 Pro Max Apple конечно ја донесе стапката на освежување од 120 херци кај iPhone
Следна статијаApple Watch Series 7 донесува поголем екран со помали рамки
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.