Сите Вие кои сакате да го надградите својот систем од Windows 7 или 8.1 со чиста инсталација на најновата верзија на Windows 10, односно онаа со големата надградба од Ноември за која веќе пишувавме, немате среќа – Microsoft штотуку го врати Media Creation Tool на 10240, односно првичната 10-ка.
Ваквиот потег на Microsoft е особено чуден – можноста уште веднаш да ја имате најновата верзија на оперативниот систем беше многу примамлива. Имено, Media Creation Tool овозможува правење на USB стик или CD за чиста инсталација на системот и овој софтвер беше достапен со „ноемвриската“ 10586 верзија. Сепак, отсега ќе биде достапен само со почетната Windows 10 верзија – 10240. Целиот овој хаос со надградбите е веројатно во некоја грешка во Media Creation Tool при надградувањето на Windows 8 и читањето на клучевите за активација.
Исто така, сите кои ќе направат директна надградба од Windows 7 или 8.1 на Windows 10, ќе ја добијат верзијата 10240 и нема да можат да ја инсталираат новата надградба се додека не помине еден месец. Причината за ова е што Windows 10 чека 31 ден за корисникот да одлучи дали сака да остане на него или да се врати на претходниот оперативен систем и поради тоа ги чува сите датотеки од претходно. Со инсталирањето на надградбата од ноември, очигледно се губи можноста за враќање на претходна верзија на Windows.
Надградбата и натаму е достапна преку Windows Update за оние кои веќе имаат инсталирано 10-ка на својот компјутер, што значи дека таквите корисници нема да имаат некои поголеми проблеми, освен ако не се решат за форматирање на својот компјутер и реинсталација на оперативниот систем. Достапна е и ISO датотека со новата 10586 верзија, но само за членовите на Microsoft Developer Network. Ова значи дека има и големи шанси оваа ISO датотека да е достапна и на торент сајтовите.
Интересно, Microsoft дури и потврди дека отсега, Media Creation Tool ќе ја инсталира само првата верзија на Windows 10 оперативниот систем и надградбите потоа ќе се вршат исклучиво преку Windows Update. Сепак, знаејќи ги нивните ветувања досега и ова треба да го прифатиме со мала задршка.