Blue Origin компанијата, основата од директорот и основач на Amazon Џеф Безос, со нивната New Shepard ракета, во текот на вчерашниот ден го изведоа првото успешно вертикално следување.
VTOL или Vertical take-off and Landing (Вертикално полетување и слетување) е метод кој што овозможува повторно искористување на ракетите кои што се користат за стигнување до орбитата на земјата или блиску до истата, како што е во овој случај.
Ракетите кои што се користеле и се’ уште се користат обично се уништуваат или напуштаат после полетувањето, односно носењето на нивниот товар до потребната висина. Тоа ги прави трошоците за вселенските летови многу поскапи отколку што би биле доколку истата ракета може повторно да се искористи за некоја наредна мисија.
Токму ова е нешто кое што неколку компании се обидуваат да го постигнат преку можноста за Вертикално полетување и слетување на ракетите. Можеби најпознат во тие обиди е Елон Маск со неговата позната SpaceX компанија, меѓутоа за првпат успешно тоа им успеа на нивните конкуренти од Blue Origin.
Елон Маск имаше неколку обиди оваа година кои што за жал поминаа неуспешно. Falcon 9 ракетата се случуваше да експлодира во воздух или да го утне местото каде што треба да слета, па да се уништи.
Сепак, би требало да се нагласи дека SpaceX ја тестира својата ракета за носење на товар во орбитата на земјата, висина која што е поголема од под-орбиталната која што сакаат да ја достигнат од Blue Origin за туристички цели. Со тоа брзината пред слетувањето е исто така многу поголема, па кога на тоа ќе се додаде дека SpaceX се обидува да ја слета ракетата на помала платформа во океан, може слободно да се каже да си имаат поставено многу потешка задача.
Без разлика на овие факти, сепак Blue Origin се првите кои што ја имаат постигнато својата цел, а тоа немаше проблем да го признае и Елон Маск честитајќи им преку неговиот Twitter профил.
Congrats to Jeff Bezos and the BO team for achieving VTOL on their booster
— Elon Musk (@elonmusk) November 24, 2015
Висината до која што има летано New Shepard на Blue Origin изнесува 100,5 километри со брзина од 3,73 маха. Повторното вклучување на моторите на ракетата при вертикалното слетување е направено на висина од 1,4 километри со контролирана брзина од околу 7 километри на час. Инаку, ракетата е замислена да се користи за туристички цели, поточно за носење на луѓе до под-орбитална висина со што ќе им се овозможи поглед на Земјата во одреден временски период. За тоа време туристите ќе го искусат и чувството на бестежинска состојба. При полетувањето, на одредена висина ракетата се одвојува од модулот наменет за луѓето, поточно до 6 од нив, по што се извршува вертикално слетување и истата може повторно да се користи во наредна прилика. Модулот со луѓето паѓа на земјата, а слетувањето го извршува со падобранци.
The rarest of beasts – a used rocket. Controlled landing not easy, but done right, can look easy. Check out video: https://t.co/9OypFoxZk3 — Jeff Bezos (@JeffBezos) November 24, 2015
Извор: Blue Origin, The Verge, Engadget