Screenshot_2

Сите што имате Windows 10 на својот компјутер или таблет, веднаш отидете во Settings и симнете ја новата верзија на оперативниот систем. Донесува неколку подобрувања и нови функционалности, како и закрпувања кои треба да придонесат за намалување на проблемите кои се јавуваа кај некои корисници. Доколку сепак истата не ви е достапна, ќе треба да причекате некој ден затоа што Microsoft ќе ја пушта етапно за сите корисници.

Надградбата едно време наречена Treshold 2, а сега како ноемвриска надградба, е малку поголема од вообичаените, па вреди да се знае дека целиот процес може да земе и до еден час, па добро е да испланирате пред да го направите. Кога го знаете тоа, еве што ве чека после тој процес.

Подобрен мултитаскинг
Ставањето на два прозорци еден до друг со Snap функцијата е достапно уште од Windows 7, но сега, со оваа надградба стана многу полесна за користење. Имено, кога ќе го зголемите едниот од прозорците, автоматски се намалува и другиот. Досега, тоа требаше да го правите сами и одземаше многу време и нерви.

Функцијата е подобрена за користење во десктоп режим, додека во таблет режимот истата беше префрлена од 8.1 верзијата од оперативниот систем, каде што функцијата многу подобро функционираше.

Screenshot_11

Полесна активација
Досега, сите корисници што имаа компјутери, лаптопи или таблети со активирани Windows 7, 8 и 8.1, а сакаа чиста инсталација, мораа да направат надградба на 10-ката, па потоа да ја изберат функцијата Clean PC. Сега, може само да инсталирате 10-ка одново и да го употребите кодот од Вашиот Windows 7, 8 или 8.1 за да го активирате системот.

Вклучени Messaging, Phone и Skype Video апликации
Отсега, во Windows 10 се вклучени и новите апликации наменети за комуникација преку Skype. Messaging ќе биде наменета за кратки пораки, Video за видео повици и Phone за повици кон други телефони. Апликациите се модерни, но се уште не се довршени и имаат многу недостатоци, па за сите Skype-џии, препорачувам целосна, десктоп верзија.

Исто така, можноста за SMS пораки и повици од десктоп и таблет компјутерите се’ уште не е дел од овие нови апликации, па корисниците сега за сега само добиваат можност за користење како алтернатива на целосната Skype апликација. Треба да се истакне дека овие апликации се интегрирани во Центарот за известувања, па ќе може пропуштените пораки да ги гледате од ова централизирано место.

Screenshot_1

Повеќе плочки во Start менито
Досега, корисниците можеа да стават три средни плочки хоризонтално, а отсега ќе може да се стават четири плочки, што може значително да го среди вашето Start мени, особено ако користите многу живи плочки.

Покрај бројот на плочките, оваа верзија донесува и промена на менијата во Старт Менито. Истите сега изгледаат подобро, а се и подобро организирани. Исто така, воведена е и дополнителна унификација на контекст менијата, нешто што сепак се’ уште е во процес на развој.

Подобрена Cortana
Виртуелниот асистент сега може да ги следи и вашите email пораки за да ви дава уште повеќе информации, како на пример за карти за кино проекциите кои ги следите, а може и да враќа на пораки што ќе ги примите на Вашиот телефон, или да ве извести за пропуштен повик. За ова, секако ќе треба да имате и Windows 10 Mobile на вашиот смартфон.

Покрај тоа, Cortana сега добива можност за креирање на потсетници и слични активности преку препознавање на ракописот. Тоа значи дека ќе може рачно да се внесе одредена компанда со пенкало и истата да биде препознаена и извршена.

Новитети во Microsoft Edge
Новиот веб прелистувач на Microsoft добива неколку потребни подобрувања. Прво, забележливо е дека е многу побрз и нема толку “Not Responding” проблеми при отворањето на поголеми веб сајтови, а исто така сега ќе може да ги пуштите видеата од YouTube или други такви сајтови на вашиот телевизор преку опцијата “Cast to Device”. И конечно, кога ќе поминете со поинтерот преку некој отворен таб, има мала сликичка од него која ви овозможува да видите што има без да ја отвората страната.

Edge од оваа верзија конечно започнува да прави синхрнизација на омилените страни и лозниките. Тоа значи дека доколку го користите Edge и на некој друг компјутер или Windows 10 Mobile, ќе добиете поунифицирано искуство. Најважно, зачуваните страни за читање подоцна, ќе бидат синхронизирани и ќе можете да продолжите да ги читате од било кој уред.

Screenshot_3

Сите овие подобрувања, заедно со закрпите, кои го прават Windows 10 многу постабилен и побрз, значат дека надградбата треба да ја направите што поскоро – навистина вреди!

Оваа верзија на Windows 10 исто така вклучува и мала промена во начинот на прикажување на бројката на верзиите. Поточно, оваа верзија ќе го носи бројот 1511 (Build  10586.3), што го значува месецот и годината кога станала достапна.

Покрај промените за сите корисници, оваа верзија донесува и доста новини за бизнис корисниците. Од компанијата истакнуваат дека ова е верзијата која што компаниите ја чекаат и очекуваат многу повеќе корисници од 12-те милиони кои што веќе ги имаат.

За овие корисници, Windows 10 1511 донесува подобра контрола над процесот на надградби. Бизнис корисниците ќе имаат можност за одложување на истите одреден период со што им се овозможува тестирање на софтверот пред пуштање во целата компанија.

Со оваа верзија достапна е и најавуваната Windows Store for Business. Корисниците, а поточно администраторите ќе можат да ја контролираат содржината која што ќе биде достапна преку оваа продавница и со тоа да овозможат апликации наменети за сите, како и корпоративни апликации за корисниците. Со тоа ќе се добие целосна контрола над тоа што корисниците го користат на службените компјутери, а сето тоа од едно централно место.

Извор: Ars Technica, PC World, Windows Blog

Претходна статијаBQ Aquaris X5 е првиот Cyanogen телефон достапен преку оператор
Следна статијаDisney EM-Sense – Одличен влез на пазарот на паметни часовници