По објавата дека Windows 10 ќе биде достапен од 29-ти Јули, остана прашањето за мобилната верзија од оперативниот систем. Јасно беше дека оваа дата не важи за мобилните, меѓутоа од компанијата не дадоа некој рок за тоа кога може да ја очекуваме.
Според презентација за своите партнери до која што имаат дојдено од порталот Neowin, мобилната верзија од Windows 10 би требало да биде достапна од Септември. Поточно, во презентацијата не се споменува месецот, туку е употребена изјавата „доцна во идната четвртина“. Според информациите, овој рок се смета за оптимистички, односно најрано што би можело, а реално се очекува тоа да биде во Октомври.
Исто така, треба да се земе во предвид дека достапноста на оперативниот систем не значи дека корисниците веднаш ќе почнат да ја добиваат надградбата. Тука се тестирањата од страна на производителите, мобилните оператори и слично, па за некои корисници овој рок многу лесно може да стане и некој месец од идната година.
Сепак, тие кои што навистина не можат да чекаат можат да ја инсталираат тест верзијата од оперативниот систем која што се очекува да стане доста постабилна во верзиите кои што ќе излегуваат ова лето.
Моментално не би препорачале да ја инсталирате тест верзијата на вашиот главен телефон, па тоа можете да го направите само доколку имате екстра телефон кој што нема да го користите цело време.
За разлика од десктоп верзијата која што може да се каже дека до некаде предизвикува забуна кај корисниците за тоа дали и која верзија од Windows 10 ќе ја добијат бесплатно и слично, поддржаните мобилни телефони ќе ја добијат надградбата сигурно.
Извор: Neowin