os-x-yosemite-screens-2

Вчера Apple го одржа својот најавен октомвриски настан на кој што ги претстави iPad Air 2, iPad Mini 3, iMac with Retina, како и прва нова верзија на Mac Mini после 2 години. Покрај претставувањето на овие производи, најавена беше 8.1 верзија од мобилниот оперативен систем iOS, како и достапноста на финалната верзија од OS X Yosemite за сите корисници како бесплатна надградба преку Mac App Store. OS X Yosemite, кој што ја носи бројката 10.10 од верзиите, беше претставен во Јуни на WWDC конференцијата. Тогаш беа претставени новините кои што се вклучени во оперативниот систем и беше најавена неговата достапност за корисниците за оваа есен.

Од денеска OS X 10.10 Yosemite е достапен за сите корисници на Mac компјутер и можат бесплатно да го надградат својот систем преку продавницата за апликации, односно Mac App Store. Големината на надградбата изнесува 5,16 GB, меѓутоа во денешно време ретко на кого тоа би му претставувало проблем, посебно што во овој случај се работи за десктоп оперативен систем. Сигурно веќе и не треба да ве потсетуваме дека пред инсталирањето на надградба на оперативниот систем е препорачливо да направите бекап на сите ваши важни податоци во случај да дојде до некаков проблем при инсталацијата.

OS X Yosemite вклучува повеќе новини, меѓутоа можеби најголемата и највпечатлива е дизајнот на корисничкиот интерфејс. Сега и OS X е направен во рамниот стил кој што е прифатен од скоро сите компании. Променети се горната лента, докот и неговите икони, фонтовите, копчињата и многу повеќе мали ситници кои што ќе ги забележите со тек на време. Прозорите на апликациите вклучуваат транспарентност направена на интересен начин на менување на боите кога го поместувате прозорот над други прозори.

messages_hero_large

Друга исто така поголема промена на оперативниот систем е неговата поголема поврзаност со мобилните уреди, односно со уредите кои што работат на iOS 8. Поврзаноста, официјално наречена Continuity, овозможува правење и добивање на повици директно од вашиот компјутер кој што се поврзува со iPhone, прикажување на SMS пораките, можност за започнување на одредена работа на еден уред и продолжување на истата на друг, поврзување на хотспотот од вашиот телефон директно од Mac.

answering_calls_large

OS X Yosemite исто така добива можност за додавање на одредени виџети во Today View во центарот за нотификации. Подобрена е и Spotlight функцијата за пребарување со нов дизајн и поврзување со одредени онлајн сервиси. Со оваа верзија, како и iOS 8 корисниците можат да го користат новиот iCloud Drive, што во основа претставува решение од Apple како што се Dropbox, OneDrive, Google Drive и слични.

notifications_large

Извор: Apple

Претходна статијаДенис Тито исто така со идеја за луѓе на Марс
Следна статијаXiaomi Mi 2S Кинескиот телефон на ниво со големите брендови
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.