os-x-yosemite

На WWDC конференцијата која што се одржува оваа недела, Apple ја претстави очекуваната и најавувана најнова верзија од мобилниот оперативен систем, iOS 8. Промените во оперативниот систем во голем дел се поврзани со новата верзија на OS X, односно 10.10 наречена Yosemite, која што исто така беше претставена на вчерашниот настан. Името на оперативниот систем е земено од место во Калифорнија, начин на именување на верзиите кој што започна со Mavericks.

Можеби најголемата новост која што доаѓа со Yosemite, која што веднаш ќе ја забележите при првото вклучување на компјутерот е неговиот дизајн. Истиот е направен во модерниот, рамен стил и со тоа станува многу посличен на стило започнат со iOS 7. Меѓутоа, работите не се направени само порамни, односно се гледа дека како и секогаш тимот кој што работи на дизајнот во Apple, убаво ги има осмислено сите делови од корисничкото искуство. Прозорите на апликациите покрај тоа што се порамни и веќе го немаат познатиот сребрен изглед и нијанси од бојата, добиваат ефект на проѕирност која што е поставена на горниот дел од прозорите, како и на левата лента. Ефектот е направен така да кога го поместувате прозорот, боите кои што се пренесуваат од позадината се менуваат соодветно. Познатиот док е исто така променет, па веќе не е во 3D формата, односно и тој го вклучува ефектот на проѕирност, а повеќето икони се редизајнирани и освежени.

Интересен додаток на новиот дизајн е и Dark mode режимот, кој што ја прави горната лента потемна, вклучувајќи ги и менијата, со што треба да се овозможи подобро концентрирање на содржината без притоа да ви смета ништо.

overview_design_hero

Друга поголема и важна новост во Yosemite е поголемата поврзаност со iOS уредите, нешто што од Apple го нарекуваат Континуитет (Continuity). Ова е можеби меѓу најдобрите додатоци на оперативниот систем која што повеќето корисници би ја користеле. Овој концепт се гледа преку додавањето на можност за префрлување на фајлови преку AirDrop помеѓу iOS и OS X уредите, воведувањето на iCloud Drive систем за чување на фајлови во облакот направен да биде многу покорисен и со повеќе функции од досега. Исто така, како што можевте да прочитате во статијата за iOS 8, Yosemite поддржува добивање и правење на повици од iPhone уредот, синхронизација на SMS пораките од iMessage со сите уреди, вклучувајќи го сега и десктоп компјутерот и слично. Со Yosemite и iOS 8 уредите ќе можете да започнувате и завршувате одредени работи на различни уреди. Од Apple оваа функција ја нарекуваат Handoff и ќе ви овозможи да завршите email порака, на пример, започната на вашиот iPhone, на вашиот Mac. Кога користите апликација која што има поддршка за handoff посебна ознака ќе биде поставена на иконата од апликацијата секогаш кога имате започнат некоја работа која што можете да ја довршите на другиот уред. Воведена е и можноста за споделување на интернет конекцијата од вашиот iPhone на вашиот Mac компјутер.

overview_mac_ios_hero

Како што е случајот со iOS 8, Apple воведуваат можност за поставување на разни виџети во центарот за нотификации, поточно делот Today. Овие виџети кои што со тек на време ќе ги има повеќе, може да бидат направени од програмерите, односно нема ограничување само на Apple сервиси.

Големо подобрување добива и Spotlight функцијата за пребарување. Истата е редизајнирана, добива централно место на екранот и своите информации ги влече од интернет. Како што можете да се види на презентацијата, оваа лента за пребарување сега можете да ја користите за скоро секоја активност на компјутерот, од отворање на одредени апликации, фајлови, до барање на информации достапни на интернет и слично.

Safari прелистувачот е исто така редизајниран, па сега доаѓа со многу поедноставен дизајн кој што треба да овозможи концентрирање на веб содржината. Лентата со вашите омилени страни е тргната, па иако можете да ја вратите, од Apple тврдат дека веќе нема да ви треба. Централната лента на која што ги внесувате адресите, во исто време ги прикажува и вашите омилени страни веднаш штом ќе кликнете на неа. Safari треба да работи доста побрзо со најновата верзија, а посебно JavaScript страните.

OS X Yosemite ќе биде достапен за корисниците од Септември бесплатно како надградба. Сите кои што не можат да чекаат до тогаш ќе може да се приклучат на бета програмата и оперативниот систем порано да го инсталираат. На бета програмата можете да се пријавите на следниот линк.

Претходна статијаInfinit е новиот стандард за споделување фајлови
Следна статијаНовото Start Menu што го најави Microsoft ќе биде достапно идната година
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.