Можеби една од најголемите причини за послабата прифатеност на Windows 8 од страна на корисниците, покрај наметнувањето од страна на Microsoft корисниците да ја користат модерната околина, е тргањето на Start менито. Причината поради која што е тргнато е токму тој обид на компанијата корисниците да ги пренасочи во модерната околина од оперативниот систем, без притоа да им даде шанса да го запознаат подобро, па со тек на време да сакаат самите да го користат. Тоа предизвика и контра ефект, па сега за Microsoft е многу потешко да ги мотивираат корисниците, а посебно деловните, да ја користат најновата верзија од Windows. Исто така гледаме како со секоја наредна надградба се вклучуваат функции кои што треба да ја олеснат работата на луѓето со маус и тастатура, односно тие што не користат екран на допир, барем на како примарен начин на користење на компјутерот.
На Build конференцијата оваа година Microsoft презентираше дел од концептот на ново Start мени кое што најави дека ќе биде воведено во некоја од наредните надградби на оперативниот систем. Ова Start мени како што можеше да се види, нема да биде целосно како старото и познато на кое што корисниците се навикнати, туку на десниот дел ќе ги вклучува life плочките, што според нас не е лоша идеа. Корисниците во главно позитивно реагираа на оваа идеа, па се што остана е Microsoft да го вклучи ова ново мени во наредната надградба на Windows, која што според редоследот треба да го носи името 8.1 Update 2.
Windows 8.1 Update 2 се очекува да биде достапен за корисниците оваа есен. Според претходни информации, со оваа надградба требаше да биде воведено Start менито, па очекувањето на истата стана поинтересно. Меѓутоа според најновите информации до кои што има дојдено Mary Jo Foley од порталот ZDNet, од нејзини извори, планот за вклучување на Start менито во есенската надградба на оперативниот систем е откажана, ако се верува на информациите дека воопшто некогаш била планирана за тоа време. Според информациите, Start менито ќе биде претставено дури идната година со претставувањето на наредната поголема верзија од Windows, која што сега за сега е нарекувана Windows 9, со внатрешното име Threshold. Со оваа верзија на Windows треба да биде претставена и можноста за користење на модерните апликации во посебен прозор во десктоп околината.