Една од најголемите причини за критиките и послабата популарност на Windows 8 оперативниот систем е секако тргањето на познатото Start мени и „форсирање“ на корисниците да го користат Start екранот кој што во основа е наменет за модерните апликации и корисниците на екрани на допир. Сепак Microsoft во последниот период, притиснат од се поголемата конкуренција во сите области, покажува поголема спремност за слушање на корисниците, па прво започна со враќање на Start копчето, за потоа официјално да најави нова верзија од Start менито која што покрај стандардните функции, ќе вклучува и дел со live tiles. Меѓутоа покрај најавата дека Start менито ќе биде вклучено во некоја од наредните верзии од Windows, поконкретни информации не беа дадени.
Порталот Winbeta.org тврди дека има дојдено до информации од познатиот руски „протекувач“ на информации Wzor, кој што ја има затворено својата веб страна после апсењето на поранешен вработен во Microsoft поради давање на информации од компанијата. Од информациите може да се види дека новото Start мени се планира да биде претставено на корисниците оваа есен, односно преку нова надградба на оперативниот систем која што ќе биде наречена Windows 8.1 Update 2 или Windows 8.2. Сепак нема никаква потврда од страна на Microsoft или некој друг извор од кој што би можела да се процени точноста на овие информации, па останува да видиме во месеците што следат.
Покрај информацијата за новото Start мени, од порталот исто така информираат за можноста за претставување на верзија од Windows која што ќе работи од „облакот“, односно ќе биде потребна интернет конекција за користење на сите функции, нешто слично на Chrome OS од Google. Исто така се најавува нова верзија од модерната околина која што ќе биде различна зависно од типот на корисниците, односно корисници на маус и тастатура или екрани на допир. Зависно од типот на корисник, наводно ќе биде различно и Start менито кое што треба да биде достапно и во наредните верзии од Windows, односно за овие информации најверојатно се работи за 9-тата верзија од оперативниот систем.
Извор: Winbeta.org