Покрај неофицијалните информации кои ги има повеќе месеци, дека Microsoft планира нешто поголемо со Windows стана јасно и со краткото споменување на „наредната генерација од Windows“ од страна на Панос Панај во март. Со оваа изјава може да се каже дека беа потврдени неофицијалните информации кои најавуваат досега најголема промена кај Windows 10 во есен, која во голем дел ќе биде насочена кон корисничкиот интерфејс.

Иако се веруваше дека оваа наредна генерација од Windows може да биде претставена на Build 2021 конференцијата која се одржа оваа недела, сепак очекувањата беа дека за тоа ќе има посебен настан.

Настанот уште не е официјално закажан, но се очекува дека може да биде одржан во јуни, а дека тоа наскоро и треба да се случи најави директорот на Microsoft Сатја Надела.

Тој во својата воведна презентација на почетокот од Build 2021, меѓу другото, говореше и за Windows и како наскоро тие ќе ја споделат најзначајната надградба на Windows во последната декада.

Надела посебно внимание посвети на најавата дека тие ќе им овозможат повеќе можности на програмерите на апликации и дека Windows како платформа ќе стане отворена платформа каде ќе може да се развиваат, дистрибуираат и монетизираат апликациите.

Ова оди во правец на неофицијалните информации дека се планира целосен редизајн и на Microsoft Store во Windows, но не само на корисничкиот интерфејс, туку и во можноста да се додаваат секакви апликации, а и да се користат сопствени начини за наплата.

Тоа што додатно привлекува внимание во овие најави е дека не се користи името Windows 10, туку само Windows. Користењето на ваквата терминологија остава простор да се очекува промена и во начинот на именување на оперативниот систем кој може веќе да не биде нарекуван Windows 10.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаHuawei Самит 2021 за жените програмери
Следна статијаXiaomi официјално тргнати од листата на „Комунистички кинески воени компании“
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.