Почнувајќи од 18 декември оваа година корисниците кои се’ уште ја користат осмата верзија од iOS на нивниот iPhone или iPad, веќе нема да можат да прават бекап на нивниот уред со iCloud Backup.
По оваа дата, која Apple официјално ја објави и почна со испраќање на пораки до корисниците, бекап податоците ќе бидат избришани и корисниците нема да имаат пристап до нив.
Секако, податоците кои се на самиот уред ќе останат достапни, односно тие не се дел од бришењето на бекапираните податоци на серверите. Корисниците исто така ќе можат да продолжат да прават бекап преку Mac или PC.
Од компанијата препорачуваат корисниците да ги надградат своите уреди за да можат да продолжат да го користат iCloud Backup, а поддршка за понова верзија од iOS имаат iPhone 4S или понов, iPad 2 или понов, iPod Touch 5 или понов. Овие уреди можат да бидат надградени на iOS 9 или понова верзија.
Како причина за оваа одлука се верува дека е новиот систем за бекап кој го користат од Apple, па од идниот месец ќе престанат да го користат и стариот.