Повеќе компании се дел од „трката“ за развој на вакцина против SARS-Cov-2 вирусот која треба да ја спречи инфекцијата и развојот на COVID-19 болеста. Уште не почетокот беше јасно дека од огромниот број на компании само неколку ќе дојдат до успешно завршена трета фаза, а со тоа и можност за пуштање на вакцината.
Една од тие компании, поточно во овој случај се две компании кои работат заедно, американската Pfizer и германската BioNTech се блиску до завршувањето на третата фаза од тестирањето на нивната вакцина. Ова е последната и најважна фаза која се прави на многу поголем број на луѓе, а во случајот со овие компании, бројката е 43.538.
Според првичните досегашни резултати, проверени од страна на независно тело, но сепак се’ уште непроверени од потребните научни страни, вакцината успешно ги заштитува луѓето со над 90% заштита.
Исто така, досегашните тестирања не покажале некои посебни или посериозни проблеми кај луѓето кои ја имаат примено вакцината, со што истата се смета за безбедна.
За разлика од повеќето вакцини, оваа вакцина е базирана на mRNA од вирусот, односно не е на стариот начин на ставање на ослабнат и деактивиран вирус. Уште една компанија од САД работи на ваква вакцина и тие исто покажуваат големи надежи за успех.
Тестирањата се направени на луѓе кои досега немале присуство на SARS-Cov-2 вирусот, а се планира да се открие и заштитата која би ја овозможила оваа вакцина за луѓето кои имале, како и заштитата за можноста за развој на посериозна форма од болеста.
Во третата тест фаза, учесниците се од повеќе земји и со различна позадина. Тоа треба да овозможи поголема точност во одредувањето на реалниот ефект кој го има вакцината.
mRNA вакцините се нови и уште официјално се немаат користено за некоја болест. Наместо да се користи вирусот, овие вакцини го користат само протеинот од вирусот кој се користи за влегување во клетките, со што не може да дојде до ризик од заболување на тој што ја прима вакцината.
Компаниите најавуваат дека можат да произведат 50 милиони дози оваа година, додека бројката за идната година би стигнала до 1,3 милијарди дози.
Официјалното известување од страна на BioNTech можете да го прочитате на овој линк.