Google пред две години реши да воведе модерен начин на комуникација на местото на веќе стариот SMS систем за пораки. Ова во голем дел доаѓа и поради Messages апликација на iOS која одамна на корисниците им нуди понапредни можности кога се користи интернет конекцијата за праќање пораки, покрај можноста и за SMS комуникација.

Тука доаѓа новиот систем од Google наречен RCS, односно Rich Communication Services, кој им овозможува на корисниците да можат да видат кога е прочитана пораката, кога другата страна пишува, како и можност да се испратат поголеми датотеки прикачени во пораката.

Поддршката за овој нов систем е вграден во Messages апликацијата од Google за SMS пораки, па кога од лани од компанијата решија да почнат со имплементација, остана само да се почека на тоа да операторите ја вградат поддршката за овој систем кај нивните мрежи.

Македонски Телеком ја воведе оваа поддршка на својата мрежа, што значи дека ако ја инсталирате Messages апликацијата од Google, ќе можете да почнете да го користите RCS системот.

Вклучувањето се прави преку прилагодувањата на апликацијата, поточно во делот „Chat features“. Апликацијата сепак при отворањето ќе ви предложи самата да ја вклучите функцијата.

За да можете да комуницирате со некого преку RCS системот, треба и другата страна да ја има вклучено функцијата, инаку пораките ќе се испратат како обична SMS порака.

Од Македонски Телеком истакнуваат дека оваа функција е воведена како пилот услуга до 31.12.2020 и дека големината на датотеките кои може да се испратат е ограничена на одлични 100 мегабајти.

Треба да се напомене дека доколку се испрати порака во форма на SMS, важат стандардните цени соодветно на пакетот, додека RCS пораките се испраќаат преку интернет и доколку тоа го правите преку вашиот мобилен интернет, исто така важат соодветните цени и лимити од вашиот пакет.  

Според најавите, апликацијата за SMS пораки од Samsung исто така треба да добие RCS поддршка, но сега за сега изгледа истата е достапна само преку Messages од Google.

Претходна статијаPfizer и BioNTech објавија дека нивната вакцина против COVID-19 покажала успех од 90% при крајот на третата и најважна фаза од тестирањето
Следна статијаXor Titanium е обичен мобилен телефон со цена од 4.000 долари направен од поранешни вработени во луксузниот Vertu
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.