shutterstock_41183356

Овие денови се можеби почеток на златните денови за луѓето, генетиката и трансхуманизмот. Се` повеќе до нас стигнуваат вести за некакви научни достигнувања кои понекогаш се чудни, но очигледно е дека кога-тогаш ќе бидат корисни во иднината.

На пример, најновата вест која стигна од МИТ (САД) е дека научниците таму со помош на генетски инженеринг успеале да создадат скелетни мускули кои реагираат на светлина наместо на електрични импулси. Тие преземале гени од синозелени алги (кои кај нив служат за да ги насочат алгите од места без кон места со светлина), и потоа ги вградиле во експериментални глувци. Не се знае дали глувците биле задоволни со оваа промена на нивните тела.

Потоа, со помош на сина светлина истражувачите успеале да направат мускулите кои вака ги смениле да контрактираат или да се отпуштат, и тоа конкретно мускулите за отворање на душникот. Ова е за прв пат да се постигне вакво нешто врз скелетни мускули (кои се подложни на директна команда од мозокот за да превземат акција), но веќе беше постигнато претходно врз помали мускули.

Првичната реакција на ваквата вест можеби ви е: „ок, но како е ова употребливо?!“. Можеби веднаш потоа ќе ви текне дека луѓе кои претрпеле мозочен удар и заради тоа имаат онеспособени мускули, би можеле да им се изградат нови мускулни влакна кои преку светлосен систем би биле стимулирани да работат, и така да им се поврати оваа способност. Дополнително, со ваквиот пронајдок можат да се направат хуманоидни роботи кои би имале скелетни мускули и би изгледале идентично како луѓето, а би биле управувани преку стимулација со светлина.

Можностите се големи, но не секогаш се достапни на прв поглед кога некое откритие ќе се постигне. Останува да видиме за што ќе го употребат научниците и инженерите ова откритие.

Извор: IFLScience, PopSci, Royal Society of Chemistry

Претходна статијаApple го претстави музичкиот сервис Apple Music, ќе биде достапен и на Android
Следна статијаAirbus Adeline – Ракетен мотор кој може да се рециклира