iPhone6-3Up-AppleMusic-Features-PR-PRINT

На WWDC 2015 конференцијата Apple ги претстави новите верзии од своите два оперативни системи, iOS 9 и OS X El Capitan. Тие иако не донесуваат значителни промени, вклучуваат одредени нови функции кои што треба да го подобрат корисничкото искуство, како и подобрување на апликациите кои што доаѓаат со системите.

Вчера покрај овие новости, Apple го претстави веќе одреден период шпекулираниот музички сервис Apple Music. Овој сервис ги вклучува сите функции кои што би ги очекувале, а се достапните кај конкурентите, но доаѓа и со одредени мали додатоци кои што треба да го издвојат.

Apple Music ќе биде достапен од 30 Јуни оваа година во 100 земји. Ќе вклучува можност за бесплатно слушање, претплата за еден корисник и фамилијарна претплата за до 6 членови на семејството преку iCloud Family Sharing. Претплатата за сервисот ќе изнесува 9,99 долари, односно 14,99 за фамилијарната претплата.

Сервисот ќе биде достапен како за сите Apple уреди, така и за PC, а и како изненадување за повеќето, на Android платформата.

Како и другите сервиси, Apple Music ќе има огромна база на песни и албуми кои што претплатените корисници ќе можат да ги слушаат и симнуваат за преслушување кога се офлајн. Исто така, оваа база на песни може да биде слушана преку избор од радио станици, што на повеќето корисници им е веќе познато од другите сервиси. Корисниците кои што немаат претплата ќе можат да ги преслушуваат само станиците и тоа со ограничен број на прескокнувања на следната песна.

Од Apple истакнуваат дека предлозите за песните, како и радио станиците ќе бидат правени од страна на стручни лица, а не само од алгоритамот кој што ќе ги организира и групира песните.

Apple Music исто така добива и интеграција со Siri, па корисниците ќе можат да и кажат на Siri нешто како „Пушти ги најдобрите песни од 1994 година“ и слично.

Покрај овој дел од Apple Music, кој што може да се каже дека е стандарден и дел од сите конкуренти, сервисот ќе вклучува и радио станица во живо наречена Beats 1. Станицата ќе емитува програма 24/7 и ќе биде водена од страна на DJ-ите Zane Lowe во Los Angeles, Ebro Darden во New York и Julie Adenuga во London. Програмата од радио станицата ќе биде иста за сите корисници и ќе вклучува ексклузивни интервјуа, гости водители, како и најдоброто од светските случувања во музичката индустрија.

Apple Music доаѓа и со дел наречен Connect кој што ќе биде еден вид на мини социјална мрежа за изведувачите, односно како што кажува името место каде што изведувачите и фановите ќе можат лесно да се поврзат.

Преку Connect изведувачите ќе можат да споделуваат текстови од песните, слики од зад сцените, видеа, како и најнови песни. Фановите ќе имаат можност да ги лајкуваат објавите од изведувачите, како и да ги споделуваат преку пораки, Facebook, Twitter или email. Изведувачите ќе имаат можност да одговараат на коментарите од фановите.

Apple, кои што со iTunes продавницата направија револуција во купувањето музика, денес може да се каже дека ги стигнува конкурентите. Тие долго време не се решаваа да влезат на пазарот на претплата за стриминг на музика. Во денешно време повеќето корисници имаат константна интернет конекција со голем или неограничен интернет сообраќај, па симнувањето на песните се чини непотребно. Тука се и радио станиците кои што овие апликации ги креираат по желбата на корисникот, па може да се каже дека ова е иднината на слушањето на музика.

Извор: Apple, VB, The Verge, Apple Music

Претходна статијаApple ја претстави новата верзија на OS X оперативниот систем, наречена El Capitan
Следна статијаНаучниците создадоа скелетни мускули кои реагираат на светлина
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.