Apple оваа недела го одржува нивниот познат настан WWDC 2015 на кој што се презентира развојот на производите од компанијата, односно претставување на тоа што може да се очекува во иднина.
Покрај другите најавени работи, Apple ја претстави и наредната верзија од нивниот мобилен оперативен систем, iOS 9. Оваа верзија нема да вклучува поголеми промени, а посебно на корисничкиот интерфејс, меѓутоа сепак доаѓа со неколку новини кои што ќе го подобрат оперативниот систем.
За почеток интересно е да се напомене дека од компанијата ја менуваат до некаде нивната стратегија на затвореност и ќе дозволат сите заинтересирани корисници да ја инсталираат тест верзијата од оперативниот систем, пред истиот да стане официјално достапен. Оваа можност корисниците ќе ја имаат од идниот месец, а ние ќе ве информираме за начинот на кој што ќе можете да го направите истото.
Како и секоја надградба, iOS 9 доаѓа со голем број на позадински промени на кодот кои што треба да го унапредат работењето на оперативниот систем, како и да исправат одредени багови. Покрај тоа, iOS 9 донесува неколку промени во начинот на работа, како и на апликациите кои што доаѓаат со системот, а во продолжение можете да прочитате за што точно се работи.
ПОДОБРА РАБОТА НА SIRI
Со право споредувани со тие на Android, новите функции, односно способности на Siri се веќе видени, но тоа не значи дека не се добредојдени за корисниците на производите од Apple. Siri во iOS 9 ќе може да вади информации од пораките на корисниците, па врз основа на нив да закажува состаноци, односно поставува потсетници на календарот. Исто така, Siri ќе може да ги следи навиките на корисникот, па да пушта одредена музика, на пример, во одредено време или место.
Siri исто така вклучува и подобрен кориснички интерфејс кој што треба да ги освежи досега достапните можности, како и да се прилагоди на новите
ПОВЕЌЕ МОЖНОСТИ ЗА ПРЕБАРУВАЊЕ
Корисничкиот интерфејс за пребарувањата исто така е променет и сега вклучува листа од најчесто користени апликации и контакти. Главната промена е и додавањето на Search API што овозможува пребарување и во инсталираните апликации.
Од Apple истакнуваат дека во новите функции тие ја задржуваат нивната посветеност на приватноста на корисниците и ништо што е споделено со нивните сервери не се поврзува со Apple ID на корисникот.
МУЛТИТАСКИНГ НА iPad
Ова е можеби една од најмногу бараните можност за iPad, а за истата веќе одреден период се шпекулира. Корисниците на iPad по инсталирањето на iOS 9 ќе можат да користат 2 апликации одеднаш поделени на екранот. Исто така, корисниците ќе имаат можност одредени апликации да ги повлечат од страната на дел од екранот за полесно доаѓање до одредени информации. На пример, оваа можност е достапна за апликацијата за пораки, па при работа во друга апликација нема да има потреба од целосно отворање на апликацијата за проверување и одговарање на пораките.
НОВИ И ПОДОБРУВАЊЕ НА ПОСТОЈНИ АПЛИКАЦИИ
Apple на вчерашната презентацијата претстави нова апликација за вести наречена соодветно News. Повеќето присутни кои што имаа шанса да ја видат апликацијата ја споредуваат со Flipboard, односно нејзината функционалност и кориснички интерфејс доста потсетуваат како Apple верзија од оваа апликација.
Со новата верзија од iOS корисниците исто така добиваат информации за јавниот превоз во апликацијата за мапи. Ова се разбира нема да биде достапно во земјите како нашата.
Апликацијата за белешки Notes е унапредена со доста нови можности кои што треба да ја направат многу посериозна апликација. Истата сега вклучува можност за форматирање на текстот, чек листи, цртање и слично.
LOW POWER РЕЖИМ ЗА ЗАШТЕДА НА БАТЕРИЈАТА
iOS 9 добива подобрена можност на режим на работа во случај на потрошеност на батеријата. Од Apple истакнуваат дека со овој режим корисниците можат да добијат дополнителни 3 часа на работа.
Новата верзија од iOS 9 исто така ги вклучува и следните новости:
- Нова верзија на Apple Pay
- Нова верзија на CarPlay
- Подобрувања за програмерите
- Мали фонтови на тастатурата
- Можност за придвижување на курсорот со два прста