Брзо по претставувањето на дивелопер верзиите на Windows 10, стигна и одговорот од Apple. Новиот OS X не е револуционерен, но донесува доволно промени за зголемена продуктивност, особено во мултитаскингот, со цел да го задржи чекорот со најголемиот конкурент.
Сега, за прв пат во OS X, ќе можат да се стават два отворени прозори еден до друг, како што Windows може повеќе од 15-тина години (во Windows 10 ќе можат да се стават четири прозорци), а Mission Control е нова алатка која ги организира прозорците во Task View делот, со цел полесна контрола над лансираните програми и апликации.
Промени ќе има и во Safari прелистувачот, кој конечно ќе има можност за ставање на омилените веб сајтови како копчиња на таскбарот, со цел побрзо лансирање. Исто така, како и Chrome, сега и Safari ќе ви покажува кои отворени табови испуштаат звук, со цел да не ги барате еден по еден, а ќе има и Mute опција.
Од вградените апликации, промени има и во Notes, која сега има можност за зачувување слики и видеа, како и во Maps апликацијата, која сега има многу повеќе можности, како на пример покажување на дирекции со оглед на тоа кога сакате да тргнете, а и префрлање на истите на iPhone.
Spotlight, односно делот за пребарување во OS X, исто така доби големи подобрувања и сега ќе може да извади и резултати за јавниот транспорт за местото кое го пребарување, односно времето надвор и слично. Spotlight работи како пребарувач и за датотеките во компјутерот, но и за пребарување на интернет.
Интересен додаток е и големиот курсор, кој се активира со брзо движење лево десно на маусот, а е со цел полесно да го најдете курсорот доколку подолго време не седите на компјутерот.
Покрај промените во корисничкиот интерфејс, Apple ветува и подобри перформанси – апликациите сега се стартуваат 1,4 пати побрзо, а отворањето на PDF документ е дури и до 4 пати побрзо.
Особено важен новитет за гејмерите со Macintosh компјутери (ако воопшто ги има во голем број) е претставувањето на Metal, кој е наследник на Open GL стандардот и кој треба да овозможи многу, многу подобри перформанси во игрите, дел во кој Windows со Direct X веќе скоро деценија ги поставува критериумите. Всушност, со Metal, перформансите во Unreal Engine, кој го користат мноштво игри, се до 70% подобри.
Сите овие промени не се многу големи и веројатно не се доволно OS X да му предизвика проблеми при лансирањето на Windows 10 на Microsoft. Како и да е, подобрениот мултитаскинг и подобрените перформанси се секако добредојдени за корисниците на OS X.
Официјалната верзија на OS X El Capitan ќе биде претставена есен годинава, а сега е достапна само дивелопер верзија.
Извор: The Verge, Ars Technica, Wired