Дали некогаш сте се прашувале дали модерната опсесија со пиење вода е здрава и дали може да има штета од претераното пиење вода? Колку кафе можете да испиете пред да паднете мртви? Колку сол можете да изедете одеднаш?
Дечките од ASAP Science ги имаат одговорите на многу од овие и слични прашања. На пример, ако испиете 70 чаши кафе, ќе примите толку кофеин што може да ве усмрти. Толку кофеин предизвикува прерипување и ненормална работа на срцето, кое може да откаже. Сепак, можете да се „отруете“ и од вода. Имено, ако испиете 6 литри вода (скоро) наеднаш, мозочните клетки ќе се поплават со вода и ќе престанат нормално да функционираат. Затоа, не претерувајте со водата – околу 2 литра дневно се и повеќе од доволно, имајќи предвид дека и така земаме големо количество преку храна.
Од друга страна, ако не пиете вода или јадете премногу сол може истото да ви се случи. Ако изедете 48 лажици од омилениот чипс или друга солена работа може да ви настане состојбата наречена хипернатремија (од натриум хлорид т.е. сол), по што нервните клетки се собираат и сушат. Веќе стандардниот алкохол може да ве убие со пиење на 13 жестоки дози. Алкохолот е депресант на нервниот систем, па има ефект на умртвување на функцијата на срцето и белите дробови кои ќе откажат да работат со премногу пијалак во вашиот систем.
Сепак, дали сте знаеле дека црешите можат да ве убијат? Поточно, нивните семки. Имено, ако изедете 1 или 2 семки може да паднете во кома поради големото количество на цијанид кое го имаат. Ваквиот ефект може да настане во главно ако ја гризнете семката на црешата, а не само ако ја голтнете при што ќе се испроцесира низ прехранбениот систем и ќе се исфрли. (интересен факт: светски рекорд во далечина на исплукување семки од цреши – 29 метри).
Многу луѓе сакаат да освојуваат врвови, вистински или фигуративни. Сепак, кога ќе стигнете до околу 7.300 метри гледајте да си земете маска бидејќи на повисоко од толку нема доволно кислород и може да паднете во кома. Воедно, ако сте превисоки можете да умрете токму од – тоа. Имено, (веројатно) највисокиот човек на светот, Роберт Ладлоу, пораснал до висина од 2,72 метри. На таа висина неговиот `рбет и крвни садови не можеле веќе да си ја вршат својата функција и тој умира на возраст од 22 години.
За крај, една комична ситуација: многу од противниците за легализацијата на марихуаната велат дека таа има многу штетни ефекти, па дури доведува до смрт. Последново тврдење е трагично неточно, бидејќи за да умрете од марихуана треба да изедете 22 килограми (!), а да испушите дури 680 килограми (!!!).
Во основа, се` е штетно за вас ако се претера. Тоа е едно правило кое родителите треба постојано да го пренесуваат на своите деца, а вие уживајте во погорното видео каде има дополнителни информации и за други трагикомични ситуации на смрт од предозирање од гласен звук, неспиење и слични.
Извор: IFLScience, Bon Appetit