Да, добро прочитавте – научниците сметаат дека веројатно постојат други универзуми кои се попогодни за создавање на жив свет. Веќе сме пишувале за теоријата на мултиверзум и како е веројатно точна.
Ваквите други универзуми засега не можеме да ги видиме, но гледаме знаци за нивното постоење во разни појави, како гравитациони ефекти на видливата материја. Сепак, научниците кои ја поддржуваат теоријата за мултиверзумот се однесуваат како да тие се факт и веќе прават пресметки и испитувања за нивните карактеристики.
Според најновата студија (објавена во ArXiv), неколку научници го даваат предлогот дека веројатно некои други универзуми имаат подобри услови за формирање живот. Тие ова го пресметуваат преку т.н. „амплитуда на флуктуации на примордијалната густина“. Да го раскажеме на македонски, се работи за мерење на разликата меѓу збиеноста на материјата во различни универзуми. Во некои ќе има голема разлика меѓу области каде материјата е многу згусната, а има огромен празен простор меѓу овие делови; во други материјата ќе биде порамномерно распоредена.
Според истражувачите оние универзуми каде постои поголема згуснатост на материјата на едно место веројатно се попогодни за создавање на жив свет од нашиот. Тие ова го предпоставуваат поради тоа што во таков универзум ѕвездите ќе бидат на помала далечина меѓу себе па најразличните планети кои „пливаат“ по вселенскиот простор ќе имаат зрачења од повеќе различни ѕвезди, немајќи потреба истите да бидат во „населливата зона“ бидејќи ќе добиваат доволно енергија за да одржуваат живот.
Секако, тоа ќе значи и повеќе судири меѓу разни вселенски тела кои веројатно би имале уништувачки ефект врз живиот свет, па останува за истражувачите да ја земат и оваа перспектива кога ќе го подобруваат своето истражување на оваа тема.
Извор: Gizmodo, Astrobites