Додека цел свет е во неизвесност што ќе се случи со Грција и Европската унија, 29 годишниот Фини* од Источен Лондон ја лансираше иницијативата „Фонд за спас на Грција“ на една од трите најуспешни crowdfunding платформи во светот (Indiegogo). Резултатот после еден ден (првиот ден патем падна сајтот поради преголем сообраќај)?
Над 220.000 евра собрани од индивидуални донации од околу 14.000 луѓе, односно секој донирал по 15 евра. Дури и најголемите проекти на Indiegogo (пр. An Hour of Code for Every Student собра 5 милиони евра) се далеку од потребните 1.7 милијарда евра кои треба Грција да и ги плати на ММФ, но пак станува збор за солидни износи и страшен потенцијал за доброволно колективно финансирање на проекти (така, етатистите не мора да не присилуваат – преку даноци и политики – да плаќаме за идеи кои не ги прифаќаме, нели?!).
На страна Грција и Фини, поентата ми е дека за добри идеи и способни претприемачи денеска постојат многу извори на прибирање капитал (патем, повеќе од било кога (!), со што се става и под голем знак прашалник отворањето на државни фондови за „поддршка“ на иновации). Почнувајќи од 2005 година (првата компанија која обезбеди платформа за peer-to-peer lending [P2P L] е Zopa од Велика Британија), денеска постојат над 700 активни crowdfunding платформи кои покриваат од финансирање на лични проекти, до финансирање на мали бизниси и социјални акции**, додека пак најуспешните платформи – GoFundMe и Kickstarter (кои го истуркаа Lending Club од првите две места) – модерираат милионски суми и бележат фантастичен троцифрен раст во последниве неколку години (како што може да се види од сликата подолу).
Станува збор за искористување на интернет технологијата за директна соработка помеѓу позајмувачот и должникот, прескокнувајќи ги банките како посредници. Познат модел во кооперативниот капитализам (или sharing economy): со помош на интернет технологијата креираш всушност пазар во кој ќе воспоставиш паметни правила на игра и ќе се грижиш истите да бидат почитувани од сите за што добиваш надоместок од секоја трансакција.
Само во 2014 година во ЕУ, каде што има околу 250 P2P L платформи, над 200 милиони евра се инвестирани во околу 6.000 старт-апи и мали бизниси!!! Европскиот пазар на „алтернативно финансирање“ бележи раст од 144% за да достигне 3 милијарди евра на крајот на 2014 (иако најмногу растот се должи на развојот на P2P L во Велика Британија – види слика подолу; ако ја исклучиме ВБ, остатокот од ЕУ-пазарот е 600 милиони евра), додека пак се проценува дека до крајот на оваа година може да достигне над ЕУР 7 милијарди!
Поради сето ова, CEO-то на Money&Co. ќе изјави: „Дали ќе погледнеме во 2014 година и ќе кажеме дека ова беше годината кога „алтернативното финансирање“ стана мејнстрим? Мислам дека да.“.
Она што е позитивно за сите е тоа што овие платформи – барем во овие 10-тина години од кога постојат – не се дисруптивни бизниси, односно не ја загрозуваат позицијата на традиционалните банки. Имено, „алтернативните финансирања“ воглавно ги ловат оние кои не го поминуваат, или не би го поминале, филтерот на банките.
На крај, една политичко-економска импликација од P2P моделот: денеска можеме да дознаеме колку конкретни државни проекти имаат поддршка од народот. На пример, цело СК 2014, или пак било која јавна инвестиција/проект, може да биде финансирана преку crowdfunding, па ќе видиме колку луѓе ќе ја поддржат кога имаат избор и ќе треба да ја платат од свој џеб.
Она што е повеќе од јасно е дека P2P L има огромен потенцијал особено за финансирање на мали бизниси, персонални цели или пак социјални проекти кои би поминале под радарот на банките, особено во земјите во развој. До каде ќе се развие, останува да видиме.
—————————————-
*Патем, изгледа дека Фини е всушност маркетинг-гуру кој на фантастично креативен начин, токму на најжешката глобална тема во моментов, успева да поентира.
**модели на „алтернативни финансии“ во Европа (без ВБ)