Samsung утре ќе го одржи нивниот Galaxy Unpacked настан на кој ќе бидат претставени неколку нови производи, меѓу кои главни ќе бидат уредите од Galaxy S23 серијата. Настанот се одржува со присуство во живо, првпат после 2019, а ќе се одржи на истото место како тогаш, во Сан Франциско.

По македонско време настанот ќе започне во 19:00 часот, а ќе може да се следи во живо како и секогаш преку страната на Samsung, односно преку нивниот YouTube канал.

Поради стандардните неофицијални објави, веќе го имаме изгледот на новите уреди, а ги знаеме и повеќето информации кои се поврзани со нив. Настаните веќе се тука само за да ги потврдат неофицијалните информации, па ретко кога има по некое изненадување.

Не се очекувани некои поголеми промени во споредба со ланските модели. Главната разлика кога е во прашање изгледот ќе биде кај двата основни модели, кои веќе нема да го имаат истакнатиот модул за камерите, па тие ќе бидат видливи само како кругови, односно како што е случајот кај Galaxy S22.

Главната новина која се очекува е потврдата на информациите дека оваа година Samsung нема да го користи нивниот Exynos чип кај европските модели, што значи дека и во нашата земја треба да се продаваат телефоните со Snapdragon 8 Gen 2 чипот.

За некои корисници ова може да не е голема разлика, но за голем дел ова ќе направи да добијат смартфон со одлични перформанси, кој не „сецка“ во одредени ситуации, не се загрева и има помала потрошувачка на батеријата.

Според информациите, не само што ќе се користи Snapdragon 8 Gen 2 чипот во сите региони во светот, овој чип ќе биде и посебно прилагоден и брендиран за Galaxy серијата. Snapdragon 8 Gen 2 For Galaxy треба да дојде со зголемена фреквенција кај процесорот и графичкиот процесор, па корисниците кои играат игри, на пример, ќе имаат одредена предност во споредба со конкурентите.

Следете го настанот утре во 19:00 часот или отворете ја нашата страна за сите најнови информации.

Претходна статијаСојуз на средношколци: Апсурдно е учениците од Математичко информатичката гимназија да имаат по само еден до два часа дневно
Следна статијаNothing Phone (2) ќе биде повеќе „премиум“ во споредба со првата генерација
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.