По претставувањето на Dimensity 9200, го чекавме претставувањето на Snapdragon 8 Gen 2 од страна на Qualcomm, па сега кога чипот е официјално претставен, гледаме дека имало зошто го чекаме.
Snapdragon 8 Gen 2 донесува подобрувања во сите можни делови од чипот, па уредите кои ќе работат на него ќе бидат едни од најдобрите на пазарот. Qualcomm ги најави производителите кои ќе бидат првите кои ќе претстават уреди со овој чип до крајот на годината, а интересно во листата го нема Samsung. Причината за тоа најверојатно е што Samsung ќе ја претстави својата Galaxy S23 серија во февруари, па нема што да се очекува од овој производител оваа година.
На листата на производители кои ќе претстават уреди со Snapdragon 8 Gen 2 се ASUS ROG, Honor, iQOO, Motorola, Nubia, OnePlus, Oppo, REDMAGIC, Redmi, Sharp, Sony, vivo, Xiaomi, Meizu и ZTE. Доста голема листа.
Што се однесува до карактеристиките, Snapdragon 8 Gen 2 е направен во 4nm технологија, а новото Cortex-X3 јадро ќе работи на фреквенција од 3,2GHz и може да се очекува доста големо подобрување на перформансите од едното јадро.
За разлика од досега, Snapdragon 8 Gen 2 ќе дојде со 4 јадра за перформанси, а тие за заштеда на енергијата овој пат ќе бидат три.
Генерално, Qualcomm најавува до 35% подобрување на перформансите со одлични 40% подобра заштеда на енергијата.
Во случајот со графичкиот процесор подобрувањето на перформансите оди до 25% и подобра заштеда на енергијата до 45%.
Оваа година, Qualcomm за првпат воведува и хадрверска поддршка за „ray tracing“ технологијата, со што корисниците може да очекуваат многу пореалистични игри со многу подобро рекреирање на светлината и слично.
Snapdragon 8 Gen 2 доаѓа со поддршка за LP-DDR5X меморија до 4.200 MHz, како и поддршка за најновата генерација за чиповите за податоци, UFS 4.0.
Сликите кои се прават со уредите кои работат на Snapdragon 8 Gen 2 ќе може да се очекува да бидат доста подобри исто така. Тоа се должи на подобрувањата кај процесорот за вештачка интелигенција, како и на процесорот за процесирање на сликите, а секако тука е и поддршка за до 200 мегапиксели сензор.
Snapdragon 8 Gen 2 доаѓа со поддршка за сите видови 5G мрежи, како и новиот Wi-Fi 7 стандард кој донесува доста големи подобрувања од претходниот, но сепак ќе почекаме на уредите и рутерите со негова поддршка.
Може да се заклучи дека Qualcomm не разочара со Snapdragon 8 Gen 2 и ги достигна очекувањата. Тоа што би сакале само да видиме е како ќе се покажат уредите кои работат со овој чип во споредба со iPhone.