The Right Arm е производ кој што моментално е во фаза на прибирање средства преку Kickstarter и веќе ги има собрано минимумот од потребните средства за започнување со производство и испорака. Производот чини 100 долари и сеуште може да се нарача преку Kickstarter страната.
Во основа The Right Arm претставува држач за таблет компјутери, лаптопи, мобилни, па дури и книги или дигитални камери. Направен е во форма на флексибилна челична рака која се прилагодува во било која позиција, а се закачува на разни површини преку челична штипка на основата. Врвот, односно делот на кој што се поставуваат уредите е направен од полиуретански гел кој што е високо леплив материјал и може да издржи до 2 килограми кога е во целосно хоризонтална позиција и до 6,8 килограми кога е во вертикална позиција, зависно од точната позиција.
Повеќето држачи за таблет компјутери се наменети за нивно користење на работна маса, односно да го подобрат аголот додека се поставени на масата и да овозможат полесно користење без притоа да мора да бидат цело време држени во рака. Меѓутоа најчесто тие доаѓаат со една позиција на прилагодување и покрај работната маса и можеби во скутот на корисникот, не се баш погодни за поставување на други површини и места. Корисниците кои што голем дел од денот го поминуваат работејќи на маса, често имаат проблеми со грбот.
The Right Arm го решава тој проблем овозможувајќи им на корисниците да го постават на многу поголем број на површини, а исто така да го наместат уредот што го користат во повеќе позиции. Тој може да се користи на работна маса за поудобна позиција, за стоење над работната маса, во кревет, во бања, на справи за вежбање и многу повеќе. Врвот доаѓа со можност да се извади, а е поставен на универзална завртка на која што може да се постават фото апарати.
Лепливиот материјал губи 20% од својата лепливост после првото користење, меѓутоа според неговиот производител, остатокот од 80% ги задржува во останатиот период на користење. Поради ова, производителите на The Right Arm имаат поставено поголема количина од полиуретанскиот гел, па тврдат долгогодишно користење на уредот без никаква проблеми.