Стаклото веќе се користи во повеќе уреди, како на пример во iPhone телефоните, меѓутоа пластичната, металната или од друг материјал направена кутија на уредот останува да се користи. Како што знаете, целта на кутијата е да ги држи компонентите на уредот заедно, а во исто време да ги заштити од надворешното влијание, односно од можното оштетување.
Меѓутоа на сите нас ни се интересни уредите кои што може да се видат на некои филмови, кои што се целосно направени од стакло. Во филмовите тие се навистина тенки и целосно проѕирни, а компонентите воопшто не се гледаат. Сепак до развојот на технологијата на тоа ниво ќе помине уште малку време.
Apple имаат добиено патент за метода на спојување на стакло, која што треба да се користи за правење на мобилни телефони, таблет компјутер, како и телевизори. Од патентот може да се види дека методата вклучува спојување на повеќе стаклени површини заедно со што се добива можноста за поставување на компонентите помеѓу деловите. Исто така во деловите каде што тие ќе бидат поставени, се предлага негово заматување за да тие не се гледаат. Како што нагласуваат од Apple во објаснувањето на патентот, постојат и други методи за користење на стаклото како единствен материјал во правењето на уредите, меѓутоа обично резултатот на повеќето од нив се уреди со поголема тежина. Другите методи обично вклучуваат спојување на две стакла едно со друго, додека таа на Apple повеќе парчиња. Нивната метода овозможува дополнително моделирање на уредот со што може да се добие саканата форма.
Се разбира, секој поднесен и добиен патент, не значи дека некогаш ќе биде вклучен во финален производ. Сепак интересно би било доколку во наредните неколку години, почнат да се користат целосно стаклени мобилни телефони, барем за почеток.
Извор: Apple Insider, TechCrunch