ifa2015_skaugen-intel-chip-macro-1200x0

Најголемиот производител на лаптоп и десктоп чипови, во моментов има процесори со големина на транзисторите од 14 nm и за прв пат ќе извади и трет чип со толкава големина – Kaby Lake. Истото ќе се случи и со чиповите со големина на транзисторите од 10 nm.

До денешните процесори, Intel вадеше нови процесори по “tick-tock” агендата, односно секое намалување на големината на транзисторите се случуваше на две генерации. Сепак, иако актуелната Skylake генерација е изработена со транзистори од 14 nm исто како и претходникот Broadwell, иста големина ќе има и Kaby Lake, кој треба да пристигне на крајот од годинава.

Зошто е ова вака? Едноставно е – силиконските процесори со транзистори го доживуваат својот зенит и за производителите станува се потешко да ги направат помали и минимумот веројатно ќе биде 5 nm, кога ќе треба да се префрлиме на друг тип на процесори, односно долго очекуваните квантни чипови. Помалите транзистори инаку овозможуваат повеќе инструкции на иста површина, односно повисоки перформанси при ист такт (во GHz) и помала потрошувачка на енергија.

Процесорите со големина на транзисторите од 10 nm исто така нема да го следат “tick-tock” примерот, односно ќе има три такви генерации. Прва ќе пристигне Cannonlake, која се очекува некаде во 2017 година, потоа Icelake и на крај Tigerlake, кој треба да пристигне во 2019 година. После тоа се очекува префрлање на транзистори со големина од 7 nm и на крај со големина од 5 nm најрано во 2022 година.

Intel е инаку секогаш пионер во намалувањето на големината на транзисторите – нивниот производствен процес е репер за останатите. Во моментов само уште Samsung произведува чипови со 14 nm, додека тајванскиот TSMC произведува чипови со 16 nm (тие прават чипови за iPhone 6S), но Тајванците ветија чипови со транзистори од 10 nm за крајот на годинава и чипови со 7 nm за 2018, со што би го престигнале Intel. Qualcomm, најголемиот производител на мобилни чипови исто така ќе премина на 14 nm со новиот Snapdragon 820.

Извор: TechSpot, Hexus, DigitalTrends

Претходна статијаBlue Origin повторно направија успешно вертикално слетување со истата ракета
Следна статијаПрви фотографии од новиот 4 инчен iPhone 5se?