Edward Snowden кој што доби дозвола за привремен престој во Русија, оваа недела доби продолжување на дозволата за уште три години, информира неговиот адвокат. Според него, ова ќе му овозможи на Snowden послободно да се движи, а исто така ќе може и да патува во странство. Интересен е делот од изјавата според која што тој треба да одлучи дали во иднина ќе остане да живее во Русија или ќе реши да се врати во САД, каде што е баран по обвиненија за шпионажа. Мината година, тој беше задржан во транзитниот дел на аеродром во Москва, поради повлекувањето на важноста на неговиот пасош. После неколку недели тој доби дозвола, односно азил од руските власти.
Како што на повеќето од вас веќе ви е познато, Edward Snowden е во бегство од американските власти поради откривање на начинот на работа на американската агенција за безбедност, односно NSA. Тој отвори голема дебата околу тоа колку интернетот е место каде што неговите корисници можат да ја здржат својата приватност кога комуницираат, чуваат и разменуваат фајлови и слично. Според документите кои што ги објави, а и уште ги објавува, американската агенција има развиено масовен систем за следење на нејзините граѓани, но и граѓани и политичари од целиот свет.
Edward Snowden моментално работи во Русија во неговата област, како што изјавува неговиот адвокат. За него исто така се верува дека е чуван од страна на руските тајни служби, меѓутоа неговите адвокат истакнува дека било какво обезбедување е ангажирано од него самиот, а не од службите.
Откритијата на Snowden започнаа нов период во ерата на интернетот. Се повеќе стануваат популарни сервиси кои што нудат можност за енкрипција на комуникацијата, а прашањето што ќе се прави со приватноста на корисниците останува едно од најсериозните прашања за периодот што следи.
Извор: Engadget, Channel NewsAsia