На Black Hat hackers конференцијата која што се одржа оваа недела во Las Vegas, Alex Stamos главниот директор за сигурност во Yahoo, најави дека корисниците ќе добијат можност за енкриптирање на нивните пораки од идната година. За таа цел од компанијата ќе користат систем развиен од страна на Google кој што го користи OpenPGP стандардот за енкрипција на пораките. Корисниците ќе имаат можност да изберат дали сакаат да ја користат енкрипцијата за своите пораки или да продолжат да го користат Yahoo Mail на стандардниот начин.
Што ова значи за корисниците ? Пораките кои што ги разменувате, иако се заштитени и комуникацијата на вашиот компјутер и серверите на провајдерот на сервисот најчесто е енкриптирана, сепак пораките, односно нивната содржина е достапна доколку се јави потреба од нејзино откривање. Тоа е така поради тоа што клучевите кои што се користат за енкриптирање на пораките се наоѓаат кај провајдерот на сервисот, па тој секогаш кога ќе има потреба од тоа, може лесно да ги декриптира. Ова е нешто што веќе нема да биде можно со користење на end-to-end PGP енкрипцијата. Клучевите за енкриптирање на пораките ќе бидат на вашиот компјутер, како и на компјутерот од примачот кој што го користи истиот систем за енкрипција. Провајдерот на сервисот не ги поседува клучевите, па поради тоа не може да ги декриптира пораките, па дури тоа да биде побарано од властите.
Овој начин на енкрипција има и своја потенцијално негативна страна. Доколку ја заборавите вашата лозинка или ги изгубите на некој начин клучевите, вашите енкриптирани пораки ќе бидат изгубени, односно нема да можете да ги прочитате. Провајдерот на сервисот нема да може да ви помогне, а не е можно ни едноставното ресетирање на лозинката. Исто така, ваквите системи обично се сложени, па компаниите кои што сакаат да ги понудат на корисниците на масовниот пазар, ќе мора да ги направат прилично едноставни и разбирливи за обичните корисници.
Решенијата за енкрипција на комуникацијата стануваат се повеќе барани и популарни и кај обичните корисници поради откривањето на степенот до кој што властите се заинтересирани во следењето на комуникацијата на корисниците. Овие информации дојдоа до јавноста преку веќе познатиот Edward Snowden која што моментално престојува во Русија. Воведување на ваква енкрипција веќе најавија од Google во Јуни оваа година.
Извор: PCWorld, WSJ, Yahoo News