Фото: Shutterstock.com

Meta, тогаш уште Facebook, минатата година најави нов голем проект кој ќе ги поврзува луѓето преку виртуелната реалност, кратко кажано. Корисниците би имале свои аватари, а достапни ќе бидат канцеларии и секакви други предмети кои би служеле да ја заменат интеракцијата во живо.

Овој проект од Facebook го нарекоа метаверзум, а набрзо после најавата го променија и името на главната компанија која сега се вика Meta.

Од компанијата најавија дека продажбата на дигитални предмети и услуги внатре во метаверзумот ќе имаат провизија од 47,5%, односно од Meta толку ќе земаат од цената на предметите кои се продаваат.

Очекувано, Apple веднаш излезе со реакција на овој процент и ги нарече Meta дволични, поради нивното неколкугодишно критикување на провизијата од 30% која ја наплаќа Apple на купувањата преку апликациите на нивните платформи.

„Meta повеќе пати го критикуваше Apple за тоа што им наплаќа на програмерите 30% провизија за купувањата во апликациите во App Store – и за тоа ги искористуваше малите бизниси и програмерите во секоја можна прилика. Сега Meta планира да им наплаќа на истите тие програмери значително повеќе од било која друга платформа. Најавата на Meta го открива нивното лицемерие. Ова покажува дека иако тие сакаат да ја користат платформата на Apple бесплатно, без никаков проблем земаат од програмерите и малите бизниси кои ја користат нивната.“ – истакна претставник од Apple за MarketWatch.

Apple и Facebook веќе неколку години се во „војна“, а во голем дел истата се зголеми по најавата на Apple на нивната App Tracking Transparency функција на iOS со која корисниците можат да изберат апликациите да не можат да ја следат нивната активност кај другите апликации. Се предвидува дека Meta ќе изгуби 10 милијарди долари оваа година поради функцијата.

ИЗВОРMacRumors
Претходна статијаСеавус ќе одржи експертски панел за Автоматизирано тестирање на 18 април
Следна статијаСо Телеком талент програмата на Сеавус до знаења и вештини за програмирање и тестирање
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.