Една од предностите на правење на одредени експерименти и истражувања во вселената, односно барем во орбитата на Земјата е впечатокот на немање на гравитација. Всушност, гравитација во ISS – Меѓународната вселенска станица има нешто помалку од Земјата, но ефектот на слободен пад, во кој што се наоѓаат работите во орбитата, прави да работите лебдат, односно да се добие ефектот на немање гравитација.
Тоа им овозможува на научниците во станицата да прават уникатни експерименти кои што не можат на ист начин да се направат на Земјата или не можат целосно да се истражат одредени појави.
Таков е случајот со истражувањето на течните метали, односно металите кои што се загреани на висока температура, а потоа брзо оладени. Овој начин на правење на одредени предмети од метал се користи од луѓето одамна. Меѓутоа за овој процес кога се прави на Земјата, разбирливо поради гравитацијата, потребено е користење на калап во кој што се лади течниот метал и со тоа се добива и саканата форма, како и цврстина. За ладење на металот се користи вода која што дополнително претставува проблем доколку се сака да се изврши истражување на целиот процес на ладење на металот.
Европската вселенска агенција на вселенската станица има испратено уред таканаречен електромагнетен лебдач (electromagnetic levitator) кој што ќе служи како еден вид на држач на мало парче загреан метал на температура од 2.000 степени Целзиусови. Со тоа ќе се ограничи движењето на топката од течен метал, форма која се добива во безтежинска состојба. Топката од течен метал ќе биде набљудувана од камери и сензори кои што автоматски ќе ги вршат мерењата при процесот на ладење на металот. Греењето на металот ќе се прави или во вакуум или во гас.
Целта на ова истражување е точното откривање на случувањата при менувањето на состојбата на металите, односно течна и цврста. Тоа ќе овозможи подобро разбирање на процесот на мешање на металите и креирање на легури кои што се користат во повеќето области на модерната индустрија.
Легурите се добиваат со мешање на два вида на метал со што се добиваат нивните предности во ново формираниот материјал. Меѓутоа мешањето на металите е нешто што може да биде усовршено, а исто така одредени метали многу тешко се мешаат на Земјата, па истото подобро ќе може да се направи и истражи во вселенската станица.
Извор: ESA, New Scientist, Cnet