Iris

Како ви личи идејата да се пријавувате во дигиталните системи користејќи ги вашите биометриски податоци, како отпечаток од прст, очната рожница и отисок од забите? Интересно, практично, страшно? Веројатно се` од ова. Интел и Мекафи имаат намера да воведат неколку нови технологии на пазарот, меѓу која ќе биде замената на лозинките со биометриска автентикација.

Технологијата за биометриска автентикација веќе постои и се применува. Кога одите да се пријавите за нов пасош ви ги скенираат показалците за да ги сместат во базата на податоци. Во некои напредни технолошки компании или државни агенции на кои им треба сигурност на информациите се` почесто вградуваат уреди за препознавање на очната рожница при влез и излез. На лаптопите и телефоните веќе се вградуваат скенери за отпечатоци. Некои луѓе веќе почнуваат да си вградуваат поткожни чипови со информации за автентикација и плаќање… Интел и Мекафи (кој е дел од Интел) планираат да ја извадат технологијата за биометриска автентикација до крајот на оваа година, според кажувањата на Кирк Скауген, постар заменик-претседател и генерален управител на PC Client Group дивизијата при Интел.

Според нив, со помошта на биометриската автентикација веќе нема да имате потреба да памтите и вкуцувате лозинки бидејќи доволно ќе биде да има вграден систем за ваквото авторизирање во компјутерот или дигиталниот систем кој го користите и со него да се најавите. Според Скауген, просечниот корисник има 18 лозинки кои треба да ги памти, одржува и редовно менува за да бидат доволно сигурни, а вака целиот тој товар ќе се елиминира.

Но, како и со секоја технологија, си има свои позитивни и негативни страни. Можноста за ослободување од товарот на десетици лозинки е навистина одличен, како и заштедата во време за тие да се впишат во системот. Но биометриските податоци се исто така подложни на манипулација и злоупотреба. Со оглед на тоа што вашиот систем (компјутер, таблет, некој онлајн систем…) ќе мора да ги има сместено податоците во својата база, таа ќе биде подложна на хакирање и преземање како што денес се крадат податоци за кредитни картички. Некој би можел да направи симулација на рожница или лажен отпечаток (па дури и двете) и така да се најави место вас или да ве следи каде се движите и на кои системи се пријавувате. И можеби најважната работа, биометриските податоци за разлика од лозинките не се подложни на промена. Тоа значи дека ако некој ви ги украде не можете да ги смените и така да си ја вратите контролата врз вашиот систем! Сите овие потенцијални проблеми ќе треба да се решат со првокласна безбедност пред воопшто да се помисли раширување на системите за биометриска автентикација низ општата популација.

Извор: PCWorld

Претходна статијаGoogle воведе можност да ги видите уредите кои имаат пристапено до вашата сметка
Следна статијаESA ќе испитува течни метали на меѓународната вселенска станица, можност за креирање на подобри легури