YouTube веќе нема кој не го знае на планетата. Тоа е светски раширена платформа купена од Google за видео и аудио содржина која е мегапопуларна и бележи милијарди нови прегледи, видеа и активности на истата.
Google веќе некое време бараше начин како да го направи попрофитабилен. Дел од решенијата беа да се служат реклами на гледачите, а дел беа да се направи да работи на што повеќе платформи и поефикасно. Во смисла на истото, од YouTube само што го направија јавен HTML5 прегледувачот за прегледување видеа, кој ќе го замени досегашниот базиран на Flash технологијата од Adobe.
Инаку HTML5 технологијата е стандардот за HTML кој беше донесен пред неколку години и кој обезбедува ефикасно прикажување на секаква содржина преку HTML код, вклучувајќи и видео, аудио, текстуални датотеки и многу други типови, и тоа најчесто без да има потреба од инсталација на посебна технологија како Flash, Silverlight и слично.
По малото „комешање“ од страна на Adobe кога Apple одлучија полека да го одстрануваат Flash и да не го вклучат во своите серии на преносни уреди, на ред дојдоа и Google како еден од играчите кои најмногу досега го користеа Flash за служење содржина преку YouTube.
Новиот прегледувач би требало да биде поефикасен од стариот и да биде компатибилен со сите уреди кои постојат денес. Секако дека на почетокот ќе постојат одредени работи кои ќе треба да се испеглаат со текот на времето, но засега истиот изгледа супер – проѕирни се контролите, малку се здебелени, оптимизирани за управување со допир и ги снемува по неактивност, како и кај стариот.
Ако се` уште не можете да го видите автоматски новиот прегледувач, одете на http://www.youtube.com/HTML5 за да го активирате.
Извор: Engadget, TechCrunch