Најголемиот производител на процесори за компјутери и лаптопи, конечно ја лансираше новата генерација на чипови, наречена Skylake. Првите процесори од оваа понуда се две десктоп единици, Core i5 и Core i7, наменети за гејмерите.
Skylake архитектурата донесува многу подобрувања во однос на Broadwell, а особено во делот на оптимизацијата на потрошувачката на енергија, благодарение на намалувањето на големината на транзисторите од само 14 Nm, што ги прави единствени на пазарот, заедно со Exynos чиповите на Samsung наменети за паметните телефони и таблетите.
Двата претставени процесори имаат четири јадра и се целосно отклучени, што значи дека корисникот може многу лесно да ги overclock-ува. Core i5-6600K работи на 3,5 GHz, со “turbo boost” на 3,9 GHz, додека Core i7-6700K работи на 4,0 GHz, со “turbo boost” од 4,2 GHz. Токму оваа можност открива дека намената на процесорите е пред се за гејмерите, кои, да бидеме реални, се секогаш првите што ќе потрошат поголема сума на пари за нешто ново.
Но, за сите кои сакаат еден од овие процесори во својот компјутер, мора да нагласиме дека ќе ви треба и целосно нова матична, бидејќи Skylake архитектурата користи целосно нов сокет LGA1151, како и нови, DDR4 рам плочки, зошто со DDR3, процесорите не можат да работат. Во превод, освен графичката и напојувањето, ќе мора да смените се останато, односно, во превод, ќе ви треба целосно нов компјутер.
Цената на самите процесори е 243 долари за Core i5-6600K, односно 350 долари за Core i7-6700K. Наредниве неколку месеци се очекува и претставување на многу повеќе процесори со Skylake архитектурата, меѓу кои и процесори наменети за лаптопите и таблетите, каде се очекуваат и најголеми подобрувања, особено во делот за намалување на потрошувачката, односно подолго траење на уредот со едно полнење на батеријата.
Извор: imore, PC Magazine, TechWeek Europe