По купувањето на Twitter од страна на Елон Маск, некои работи мора да се признае дека „се измешаа“ непотребно. Сакајќи од една страна да го промени претходниот, според него нефер, начин на добивање на ознака за верификуван профил, а и да се зголемат приходите на компанијата, Маск го овозможи синиот беџ за сите кои ќе ја платат месечната Twitter Blue претплата.

Со ова настана забуна зошто оваа ознака веќе не е тука да гарантира дека профилот е проверен и потврден од страна на компанијата и е во сопственост на некоја јавна, важна личност или компанија.

Познати се проблемите кои се јавија со оваа промена, па Twitter Blue претплатата беше тргната додека не се решат овие проблеми. Истата беше повторно пуштена пред околу две недели, па сега работите се појасни, иако не баш до крај.

Од компанијата објавија страна за поддршка каде што се објаснети различни видови на ознаки кои се сега достапни на мрежата, покрај синиот беџ, па еве што треба да знаете за нив.

Сина ознака (син беџ)

Оваа ознака направи и најмногу забуни кај корисниците, па и самото објаснување може да е проблематично за некои. Од Twitter истакнуваат дека синиот беџ означува два вида на профили. Едните се претходно верификувани и проверени од страна на компанијата како активни, истакнати и автентични. Доколку се помине врз синиот беџ може да се види дека се работи за таков профил.

Вториот вид на профили кои ја имаат оваа ознака се претплатниците на Twitter Blue и истите не се посебно проверени од страна на компанијата, но сепак се користат одредени критериуми за проверка.

Златна ознака (златен беџ) и квадратна профилна слика

Профилите кои се во сопственост на бизниси кои ја користат новата Blue for Business претплата ќе бидат означени со златна боја на беџот, наместо сина, а ќе имаат и квадратна профилна слика.

При најавата на оваа нова претплата, од компанијата истакнаа дека вработените или било кои други поврзани профили, ќе можат да добијат додатна ознака до нивното име со логото од компанијата.

Сива ознака (сив беџ)

Сивите ознаки ќе ги означуваат профилите кои се во сопственост на владите, односно владините институции и лица, како и мултилатералните организации. Оваа ознака ќе ја имаат сите профили кои се поврзани со некоја од владините агенции, покрај главните, односно и полициските профили, регулаторни агенции, амбасади и слични.

Twitter ќе има и додатни ознаки, покрај беџовите, кои се делат на два вида. Ознаки поставени од Twitter, како и ознаки кои самите корисници ги поставуваат.

Тие што се поставени од Twitter ќе бидат ознаката „Official“ која ќе стои до комерцијални компании, големи брендови, медиуми и издавачи, а ќе им и ознаки кои истакнуваат дека тој профил е поврзан со некоја влада, како што е на пример ознаката „US government organization“.

Twitter ќе става ознаки и на профилите кои се од ботови, односно кои автоматски генерираат објави, а тоа не го прави некој човек.

Корисниците ќе можат и самите да избираат ознаки, а тие ќе бидат во форма на опис, како на пример, „Coffee Shop“ и слични.

ИЗВОРTwitter
Претходна статијаSamsung смартфоните изгледа веќе нема да работат на Exynos чиповите
Следна статијаGalaxy S23 Ultra можно е да има помала резолуција кај предната камера, но со поголем сензор
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.