Instagram минатата недела воведе уште една нова можност за нивната популарна функција Stories. Тие исто така објавија дека Stories се користат од страна на 400 милиони корисници, односно скоро половина од корисниците на друштвената мрежа.
Stories станаа поинтересно место за објава од самата друштвена мрежа, па не е ни чудно што од компанијата редовно додаваат нешто ново на овој дел од нивната апликација.
Најновиот додаток е Music, нов стикер достапен со останатите кога се започнува со објавата на некоја „приказна“. Како и другите стикери, така и овој се повлекува и поставува на сликата или видеото кое се објавува.
По изборот на Music стикерот, корисниците добиваат листа со илјадници песни од кои може да изберат некоја за да ја додадат на нивната приказна. Листата може да се пребарува, а достапни се и категории според популарност, жанр и расположение, па би требало да може да се најде соодветна песна.
Достапните песни се лиценцирани, поради што и оваа нова можност не е достапна во целиот свет, но се надеваме дека со тек на време Instagram ќе се погрижи сите корисници да може да ја користат. Достапните песни се и од популарни изведувачи, што значи дека изборот треба да е добар.
При изборот на песна, корисниците ќе имаат можност да ја преслушаат песната, а и да изберат точно кој дел од неа да биде дел од нивната приказна.
Исто така, можноста за избор на песна е додаден и пред снимањето на видео во Stories, а оваа можност е достапна како посебен дел заедно со Boomerang и другите.