Bitwarden е една од најпознатите апликации за чување на лозинките, нешто што веќе одамна го препорачуваме како нешто што мора да се практикува, односно да се користи ваква апликација поради подобра безбедност на интернет.

Со користењето на таканаречените „менаџери“ на лозинки, се што треба е да запаметите една лозинка, таа со која го отклучувате вашиот безбеден „трезор“ со лозинки, а поради тоа сите лозинки кои ги чувате може да бидат доволно сложени и различни за сите сервиси.

Bitwarden е апликација со отворен код која нуди бесплатно користење за обичните корисници, па се доплаќа само доколку ви се потребни некои од додатните функции, но не се доплаќа за користење на повеќе уреди, нешто што обично е карактеристично за конкурентите.

Од компанијата, покрај стандардната можност за генерирање на уникатни и сложени лозинки, сега ја додадоа можноста за генерирање на уникатни кориснички имиња.

Тие со право истакнуваат дека корисниците во главно го користат истото корисничко име кај повеќето сервиси, со што ги остава отворени за потенцијални напади, а посебно при пробивање на некој од сервисите кои ги користат.

Можноста за генерирање на корисничко име треба да стане достапна во периодот што следи, а поради некој причина најдолго ќе се причека за достапност преку мобилните апликации, што значи за почеток ќе може да се користи преку додатоците за интернет прелистувачите и десктоп апликацијата.

Генерирањето на корисничко име ќе може да се прави со избор од три начини, односно генерирање со користење на можноста за додавање на „под-адреса“ кај имејл сервисите кои тоа го поддржуваат, со користење на домејнот, како и со генерирање на збор по случаен избор.

Мала икона ќе биде додадена до полето за корисничко име при креирање на нова сметка, па по тоа ќе може да се познае дали оваа нова функција е достапна за вас.

ИЗВОРgHacks
ИЗВОР 2Bitwarden
Претходна статијаPlay Store ќе почне подетално да прикажува кои информации ги собираат апликациите
Следна статијаСпоредба на димензиите на iPhone 14 со iPhone 13 преку макети направени од неофицијалните информации
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.