“Јас не ги учам моите ученици; Јас единствено се обидувам да ги обезбедам условите во кои тие можат да учат” – Алберт Ајнштајн
Појавата на интернетот несомнено го револуционизира начинот на којшто комуницираме. Покрај ова, интернетот од темел го раздрма и традиционалниот образовен систем, нудејќи алтернатива на формалното образование, кое станува се поскапо, што (најчесто) не се одразува на неговиот квалитет. Иако формалното образование ни овозможува интеракција со професори, колеги и вмрежување со истомисленици, како што напредува комуникациската технологија, се повеќе се зголемува достапноста на бесплатното неформално образование. А и како да не биде вака, кога со употреба на новите технологии, можеме да стекнеме ново, како и да го надградиме нашето постоечко знаење во удобноста на нашите домови, во време по наш избор, користејќи различни електронски уреди кои ни стојат на располагање (мобилни и таблет уреди и компјутери). Се што ни е потребно е интернет конекција и жед за знаење.
Револуцијата во образованието ја започнаа токму факултетите
Во 2001 година, Институтот за технологија од Масачуетс (MIT), објави дека во наредните 10 години ќе овозможи бесплатно преземање на најважните наставни материјали од нивните студиски програми. Оваа инцијатива прерасна во веб-платформата MIT Open CourseWare, употребувана од милиони луѓе ширум светот кои ги користат бесплатните ресурси за учење достапни преку платформата. Претходно беше незамисливо еден ваков универзитет да ги отвори своите ресурси за пошироката јавност. Сепак, овој проект започна лавина на слични иницијативи, при што реномирани универзитети ја воочија ползата од спојувањето на технологијата и образованието.
Примерот на MIT го следеше и Универзитетот Беркли од САД, кои во 2006 преку соработка со Apple и iTunes, овозможија бесплатно изучување на студиски предмети преку iTunes U, а подоцна решија да овозможат и следење на видео предавања преку Youtube. Универзитетот Јејл исто така се придружи на оваа иницијатива, преку отворање на платформата Open Yale Courses за бесплатно изучување на воведни курсеви предавани од реномирани професори.
Open Culture
Покрај курсевите кои ги нудат горните универзитети, постои богата заедница на бесплатни онлајн образовни ресурси креирани од непрофитни организации кои имаат благородна цел да споделуваат знаење со пошироката светска јавност. Open Culture е можеби најразновидната веб-платформа создадена за оваа цел. Преку Open Culture можете бесплатно да изучувате странски јазици, но и да пристапите кон академско изучување на области како хемија, физика и биологија „Се обидувам да ги пренесам најдобрите идеи до остатокот од светот. Во моментов постои преголем јаз помеѓу универзитетскиот свет и пошироката јавност. ” вели основачот на Open Culture, Ден Колман.
Кан Академија (Khan Academy)
Кан Академија е онлајн платформа за учење претежно ориентирана кон природните науки и содржи повеќе од 2000 едукативни видеа со различна тежина на изучување.
Најважната карактеристика на платформата е тоа што секој пат кога работите на некоја математичка равенка или пак гледате видео снимки, платформата го памети тоа што сте го изучувале (и научиле) и каде најчесто сте го „трошеле“ вашето време. Целта на собирањето на овие податоци е изработка на детална статистика за корисниците, што ќе го персонализира нивното искуство. Ова исто така им овозможува на наставниците кои ја користат платформата да го следат напредокот на корисниците, и да им понудат соодветен фидбек.
Skillshare
Како генијални идеи се раѓаат од необични околности покажува примерот на основањето на Skillshare, дигитална заедница каде што корисниците можат да научат различни вештини од разновидни профили на наставници. Michael Karnjanaprakorn, основачот на Skillshare, го опишува моментот кога ја добил идејата за основање на Skillshare „Минатата година учествував на Светското првенство во покер… донирав 100% од мојата добивка и учев од најдобрите професионални покер играчи во светот. Кога се вратив во Њујорк, моите пријатели ме замолија да ги научам она што мене претходно ме научија…тогаш ми се споија коцките во мозокот. На тој начин, се роди Skillshare.“
Coursera
Преку партнерство со врвни светски универзитети, Coursera стана една од најпопуларните интернет платформи за образование. Се што треба е да создадете кориснички профил, и на располагање ви се ставени курсеви од најразлични области, предавани од професори кои се дел од реномирани универзитети од Европа и САД, меѓу кои LMU (Ludwig Maximilians University) од Минхен, Универзитетот Принстон, Универзитетот Стенфорд и многу други.
Иднината на образованието
Ресурсите набројани погоре се само мал дел од богатата ризница на онлајн бесплатни ресурси за образование. Edx, Udemy и Iversity се слични платформи, a постојат и понасочени апликации како што е Duolingo, која е целосно фокусирана кон изучување на странски јазици. Веќе и универзитетите го препознаваат потенцијалот на комуникациската технологија и се повеќе нудат студиски програми кои целосно се одвиваат онлајн, што на студентите им заштедува драгоцено време и пари. На овој начин, студент од Македонија може да магистрира на некој од универзитетите од САД или Англија, без притоа да стапне на нивната територија.
Каде не остава сето ова? Дали високото образование станува излишно со појавата на бесплатни курсеви за кои ни е потребна единствено интернет конекција? Некои луѓе одамна го имаат тој став. Фондацијата „Петер Тиел“, секоја година на 20 студенти од САД немаат навршено 20 годишна возраст, им доделува грант од 100 илјади долари, во рамките на програмата „20 под 20“. Се што треба тие да сторат за возврат, е да се откажат од своите универзитетски студии и да започнат свој бизнис. На овој начин тие стекнуваат драгоцено практично искуство и го избегнуваат доброволното „ропство“ во кое влегуваат како резултат на превисоките цени за школување на тамошните универзитети.
Сметам дека сè уште не сме стигнати до тој степен да го прогласиме високото образование за непотребно. Повеќе стручни професии изискуваат факултетско образование и спој на теорија со пракса. Не би сакал да се соочам со стоматолог кој го учел својот занает следејќи едукативни видеа на YouTube. Сепак, ресурсите содржани во овој напис се одличен суплемент за формалното образование. Поупорните поединци пак, можат да стекнат знаење еднакво на тоа што би го добиле и на традиционален универзитет, зависно од областа која се изучува, како и времето и трудот кој студентот ќе го вложи во таквото образование.
Тоа што може сигурно да се каже е дека образованието се наоѓа сред револуција. Револуција чиј темел е развојот на технологијата. Новиот бран предизвикан од оваа револуција нуди можност за вложување на помалку финансиски средства и креирање на образовен модел усогласен со нашите лични преференции. Онлајн учењето е иднината на образованието, а универзитетите мора да еволуираат и да се приспособат на новите трендови.