Љубител сум на giant monsters жанрот. Се сеќавам дека првиот пат кога го гледав Годзила, тоа беше во Кино Милениум во 90-тите. Бев воодушевен тогаш и ми остана во сеќавање песната на Диди – и двете нешта не остареа баш најдобро. Во поново време, баш добро си поминував со двата дела на Пацифик Рим, особено првиот. Имаат некој шмек овие филмови што не можеш да го најдеш во другите.

Годзила со Хајзенберг (Брајан Кренстон) беше ОК. Годзила: Кралот на Чудовиштата, не баш. На Конг мислам дека ниту еднаш му немаат погодено филм. Можеби тие првите ако ги гледам во црно бело, ќе најдам нешто што ќе ми се свиѓа повеќе од овие новиве. Но, премногу должам, темата е Годзила против Конг. На хартија, ништо не може да тргне наопаку судејќи по насловот. Кој не би сакал да ги види овие две легенди како се млатат низ цел свет.

Епа, тоа е единственото нешто што е добро тука. Тепачките. Секако, поголемиот дел од нас ќе го гледаат филмов баш заради тоа, ама не е дека сето останато треба да биде апсолутна глупост. Уште од првата сцена ми се чини дека режисерот ја потценува интелигенцијата на публиката. Некој подкастер, вработен во Злобна Корпорација (тм) ја објавува најновата епизода од својот подкаст, во која отворено кажува дека дента планира да оди на работа и да краде податоци од своите газди. Налудничаво е да веруваш дека ова ќе помине кај публиката како да е нешто нормално. Во реалниот свет, тоа е основа за отказ, тужба и азил во Русија.

Подкастерот во една секвенца на неверојатни настани, лабаво успева во својата мисија и ги собира податоците што му требаат, пред Годзила да стапи на сцената и да ја срамни базата на Злобна Корпорација (тм), од непознати причини. Човештвото се прашува зошто па сега Годзила убива и уништува, нели е нашиот спасител? Со оглед на тоа што луѓето имаат уште еден монструозен џокер во ракавот, логично е да го употребат. Конг стапува на сцената, и сега тој треба да го вади човештвото од неволја. Но, гигантскиот мајмун ги нема потребните вештини за да победи против рептил што има нуклеарен реактор во својот стомак.

Во филмов има и сцени во кои Конг патува во друга димензија (Hollow Earth). Кога го насетува ова и Годзила, прави дупка директно кон оваа димензија. Од истата дупка Конг магично се враќа на земјата и продолжува борбата меѓу него и Годзила. Ништо од ова нема смисла, ама барем е прилично забавно.

Додека се млатат нашите херои, ја следиме и бандата предводена од нашиот подкастер и ликот на Мили Боби Браун, кои се движат низ некои од најстрого чуваните простории на светот без никаков хинт од чувар или друго човечко присуство. Тие ја откриваат тајната на Злобната Корпорација (тм).

Без да откривам поголеми спојлери, следат некои интересни тепачки и крај што ќе ги задоволи фановите и кој отвора простор за нови продолженија. Се надевам дека во некое од нив ќе поработат малку и на приказната наместо само на борбите. Знаеш дека си зезнал нешто кога Pitch Meeting имаат епизода за твојот филм.

Претходна статијаМакпетрол Инфо Поинт: Техники за подобро возење
Следна статијаApple го претстави новиот iPad Pro со М1 чип и mini-LED екран