The Midnight Sky е филм режиран од Џорџ Клуни, во кој самиот Клуни ја има главната улога. Тоа е негова прва улога после 2016 година, па филмов имаше некој хајп зад себе (цело време го даваше на Нетфликс на предна страна) и постојано ме канеше да го гледам со убавите визуелизации, иако имав впечаток дека се работи за „бајкаста“ приказна, па затоа го одлагав толку долго.

Очигледно со добра причина сум го правел тоа, затоа што филмот е двочасовна досада. Годината е 2049. Земјата е во изумирање од феномен кој не е целосно познат, а се знае само дека радијацијата се проширува низ целиот свет. Почнати се мисиите за евакуација на човештвото (на непозната локација), а ликот на Клуни, Аугустин (кој исто така е во изумирање, исто така од непознати причини) своеволно останува сам во една далечна обсерваторија на Арктикот. Се чини дека Аугустин се откажал од животот. Набргу тој наоѓа нова причина за да поживее уште малку, кога во обсерваторијата наоѓа 7-8 годишно девојче (Ирис) кое било заборавено од тимовите за евакуација.

Дополнително, Клуни дознава дека спејс шатлот Aether е во вселената и е на траекторија кон земјата. Aether бил на мисија кон една од планетите месечини на Јупитер, за да дознаат дали таму човештвото може да си најде нов дом. Тие патуваат кон Земјата со добри вести, но не знаат дека итаат кон бездна, односно дека Земјата е отидена во неповрат. Така, Клуни има двојна мисија – да го предупреди екипажот на Aether дека мора да се вратат од кај што дошле, а притоа да се згрижи за неговиот нов цимер. Но, како што се шири радијацијата кон неговата обсерваторија, станува многу тешко да се комуницира со вселената, па затоа Аугустин и Ирис мора да отпатуваат до најблиската метеоролошка станица која располага со поголема антена која не е чепната од радијацијата.

Сето тоа води кон неколку сцени кои треба да те натераат да „рипнеш од столче“ ама во реалноста имаат стерилен ефект. Интересно е што паралелно со приказната на Клуни, гледаме и како Aether се справува со целата ситуација. Концептот е оригинален, ама неуспешен. Екипажот на Aether е антипатичен, а не помага ни саундтракот на филмот, кој повеќе ме става во „Дизни“ филм отколку во тензична состојба. Светлата точка на филмот е Клуни, вакви улоги ептен му лежат како што старее. Ама улогата мора да оди во пар со добар филм. Замислувам само како би изгледала соработка на Тарантино и Клуни. Може ќе биде некогаш.

Midnight Sky сака да биде best-of компилација од Интерстелар, Гравити, Ад Астра и други одлични филмови. Најмногу што достигнува е да биде визуелно привлечен. Те тера да се освежиш пак со некое од горниве остварувања, за да се потсетиш колку добри можат да бидат филмовите сместени помеѓу ѕвездите.

Претходна статијаFacebook и Instagram добија можност за криење на бројот на лајкови
Следна статијаЏеф Безос ја напушта главната директорска позиција во Amazon на 5-ти јули