Сакаме или не, позицијата на САД кон криптовалутите – па, и било кое друго прашање – е од исклучително значење. Затоа, на кусо, да видиме каков став имаат дел од кандидатите за претседател на САД за периодот 2020-2024.

За почеток, позицијата на постојниот Претседател и главниот кандидат за претседател во наредниот период. Познато е дека Доналд Трамп не е баш фан на криптовалутите. Во еден негов твит од јули годинава, тој ќе напише:

„не сум фан на биткоин и останатите криптовалути, кои не се пари и чива вредност е високо шпекулативна и се основа на магла. Нерегулираните криптовалути може да се користат во незаконски активности, вклучително и продажба на дрога и други слични активности“.

На страна што воглавно за се што е нелегално се користи кеш (и секоја друга валута), оваа позиција на Трамп се рефлектира и во Буџетот за 2020 година каде што се зголемуваат средствата наменети за FinCEN (дел од Министерството за финансии надлежен за борба против финансиски криминал) и каде што и официјално го поврзува постоењето на криптовалутите со криминал и тероризам. Очекувано е Државата да се позиционира стратешки во борбата за монополот врз монетарните политики и парите и очекувано е да се повикува на различни „страшила“ за да ги оправда обидите да го задуши Биткоин. Дали ќе успее е сосема друго прашање (мислам дека нема, од различни причини, за во некоја друга колумна).

Елизабет Ворен, очекувано (поради нејзините тоталитарни амбиции), има сличен став како Трамп. Берни Сандерс, кој многу веројатно ќе биде противкандидат на Трамп, нема некој изграден став за ова прашање.

Од кандидате на демократите, најпријателски настроен кон крипто беше Ендру Јанг, адвокат и тех-претприемач. Сепак, дури ни он немаше нешто посебно во својата програма на темата. Откако се откажа од трката, а пак во трката влезе бизнисменот Мајкл Блумберг, повторно имаме кандидат за претседател од левицата кој е пријателски настроен кон криптовалутите. Блумберг ветува дека ќе обрне особено внимание на отворените прашања во оваа област (кога продажба на токен се смета за продажба на хартии од вредност; кои мерки треба криптоберзите да ги превземат за заштита на средствата на корисниците; крипто и даноци; итн.).

Очигледно, најсилните кандидати за претседател на САД немаат баш најпријателски став за криптовалутите и тоа на еден или друг начин ќе се одрази врз политиките. Прашање е колку другите контра-сили ќе балансираат. Сепак, во САД има децентрализација на моќта во повеќе центри што е всушност главната суштинска checks & balances.

Претходна статијаSamsung телевизорите знаат колку ги сакаме нашите мобилни телефони
Следна статијаМакпетрол продолжува да инвестира во сопствените капацитети – комплетно реновирана бензинската станица во Битола
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.