valve-steam-logo

„Borderless collaboration and a non-authoritarian workplace
are great goal to strive for”.
Klint Finley, Why Workers Can Suffer in Bossless Companies like GitHub, 2014

Во претходната колумна пишував за актуелниот министер на финансии на Грција, проф. Варуфакис кој е (н).з.с. помеѓу Сириза и Valve, познатата корпорација за компјутерски игри.  Се разбира, како аполитички портал, повеќе не интересира неговата поврзаност со Valve него со Сириза.

Имено, Valve е интересна компанија која ги има инкорпорирано принципите на анархо-синдикализмот во својот бизнис модел (одлично образложени во нивниот Прирачник за нововработени; покрај Valve, компании како W.L.Gore, The Morning Star и GitHub се обидуваат да го сторат г0ре-доле истото).* Како што веќе објаснив, работникот во Valve има централна улога –  наместо тој да претставува обичен извршител на повторливи задачи зададени од неговите менаџери (со што неговиот потенцијал останува нереализиран, тој се чувствува отуѓен од сопствената фирма и производ во чија креација учествува со сопствен труд), тој има слобода суштински, директно да учествува не само во работењето, туку и во управувањето на фирмата. Се разбира, овој модел не е применлив за сите организации. Во случајот со Valve е „природен“ – слободата и самоодговорноста се основни елементи за создавање атмосфера за креативни луѓе. Како што објаснува Варуфакис во неговото интервју на Library of Economics and Liberty:

…во одреден момент, само после неколку години од формирањето, [Valve] влезе во светот на multi-player, internet-based игрици. И ова е момент на пресвртница бидејќи … во моментот кога создавате онлајн, real-time, multi-player игрици, вие носите голем број на играчи на едно место. И создавате виртуелна средина во која им нудите забава. Но, не контролирате што ќе прават. Па, така играчите почнуваат да прават различни интересни работи, како на пример тргувајќи едни со други и спонтано создавајќи притоа без никој да определи однапред што тоа ќе биде….начинот на кој Valve ги премости границите помеѓу потрошувачите и производителите, дизајнерите и обликувачите на овие заедници имаше огромен ефект, исто така, и на начинот на кој вработените во Valve корпорацијата се поврзани едни со други.

И како функционира еден ваков бизнис модел? Пред да објаснам, имајте на ум дека Valve е корпорација со 400 вработени и капитална вредност од 1.5 до 4 милијарди долари (Valve не објавува финансиски извештаи и податоци во јавност бидејќи е самофинансирана компанија од самите вработени и основачите, Гејб Нуел и Мајк Харингтон). Целиот бизнис-модел (познат како flat management) се базира на самоодговорност на вработените бидејќи во Valve нема шефови (горди се дека се boss-free). Секој вработен, кој работи на биро со тркалца (со цел да биде подвижен), одлучува сам во кои проекти ќе се вклучи и/или ќе ги иницира (open allocation approach). Google на пример се фали дека 10% од работното време на своите вработени е оставено самите да одредат како ќе го користат. Во Valve – и бизнис моделите со flat management, open allocation approach – целото работно време (100%) вработените одлучуваат сами како ќе го користат.

Идејата е дека во вакви околности лидерите (во Valve се нарекуваат „групни придонесувачи“, де факто проект-лидери кои по завршувањето на проектот се враќаат во својата примарна улога, „индивидуални придонесувачи“) се создаваат (emerge) наместо да се поставуваат од „горе“. Самото лидерство е органско – тим-лидерите водат само ако се доволно кадарни да ги убедат другите да ги следат. Лидерската улога не е вечна – ниту пак доаѓа сама по себе само бидејќи те поставиле шефовите на таа позиција. Оваа улога во Valve е флуктуирачка – најчесто проект-лидер е оној кој е најзагреан за одредената идеја; „природно“ е тој да го води тимот и проектот. Но, ова само до завршувањето на проектот по што повторно се враќа се по старо – до следниот проект. Варуфакис го објаснува ова подобро:

Најинтересниот аспект од животот во Valve е дека всушност нема шефови, нема експлицитна хиерархија и целиот менаџерски систем е основан, на она што неколку членови на компанијата ми го објаснија, на принципите на анархо-синдикализмот: ефективно слободно здружување на вработените. Ова е важен момент за секој оној кој се вработува во Valve бидејќи кога ќе дојде на работа нема кој да им кажува што да работат. Така да, Valve е flat management фирма со спонтано функционирање, што е всушност многу интересен феномен од менаџмент перспектива и од перспектива на луѓето кои работат и живеат за оваа фирма.

*Без намера да отварам дискусија за посебните правци во анархизмот, вреди да се истакне дека пазарниот-анархизам (чиј идеен татко е проф. Мареј Ротбард и кој ми е лично најблизок на вредностите кои ги застапувам) всушност овозможува егзистенција на ваков тип на бизнис модели, се додека истите се имплементирани на свој имот, со свои ресурси. Имено, заштитата и неприкосновеноста на приватната сопственост (ограничена само доколку активностите на сопствениот имот наштетуваат на туѓ имот и/или физичкото здравје на другите), според мене, е единствениот начин кој овозможува коегзистенција на разни бизнис модели, но и различни животни стилови. Само заедници во кои е почитувана приватната сопственост се отворени и содржат доволно слобода која им овозможува на своите членови да експериментираат со своите идеи – лични и/или деловни. Оттука, и мојот аргумент дека пазарниот-анархизам толерира постоење на комунистички/социјалистички/синдикалистички форми на организација – на имотот на оние кои доброволно прифатиле да учествуваат во вакви заедници – додека пак не е случај во обратната ситуација.

Претходна статијаMicrosoft и Samsung го завршија судскиот спор околу плаќањето за патентите
Следна статијаMicrosoft почна да испраќа покани за нивниот настан во рамките на MWC 2015