B8DleooIEAAkP2L

Ако ги следите актуелните и возбудливи случувања на грчката политичка сцена веќе го знаете одговорот на прашањето од насловот. Јанис Варуфакис, Министерот за финансии во владата на Сириза определен период беше ангажиран како економист во популарната ИТ копрорација Valve (меѓудругото, производител и на игриците Half-Life, Portal и Counter-Strike).

Сепак, поинтересно прашање е што е тоа што го привлекло Варуфакис, докажан академик, да се вклучи во Сириза и Valve.

Особено е интересен неговиот ангажман во левичарската Сириза за чија политичка програма во 2012 година на својот блог ќе напише:

…ви препорачувам да не ја читате нивната [на Сириза] програма. Не вреди ни за хартијата на која е напишана. Додека е исполнета со добри намери, таа е штура на детали, исполнета со ветувања која не може да ги оствари и кои нема да ги оствари (најголемото од нив е дека ќе го сопре штедењето), каша попара од политики кои не се ни ваму ни таму. Едноставно, игнорирајте ја.

Но, тогаш зошто Варуфакис го прифати можеби најжешкото столче во владата на Ципрас? Моето скромно мислење од она малку што го знам за овој академик, е дека гледа шанса, за прв пат во новата историја на Грција, за радикални промени, потресување на статус-квото и спас на грчкиот народ од бездна (и не, ако внимателно се следат неговите интервјуа, не е тоа комунизам или пак „нов, ама овој пат навистина нов социјализам“).

Се разбира, можеби грешам. Барем еден блогер кој го почитувам вели:

Сириза не размислува во тој правец [кон радикални промени, баш напротив: м.з.]. Тие не се против задолжувањето на државата … Се што сака Сириза е да им се прости долгот – и потоа да продолжат да се позајмуваат од ЕУ, да ги користат структурните фондови на унијата … тие сакаат да бидат дел од системот, не само од ЕУ туку и од еврозоната. Нема ништо радикално во ова.

Министерот за финансии на Грција се нарекува себеси „либертаријански марксист“. Внимателните читатели на политичките теории препознаваат во оваа идеја автентична верба во способноста на работниците сами, со нехиерархиски органски методи на активизам и креативни бизнис модели засновани на „работничко самоуправување“ (nope, не како во СФРЈ!), без посредство на политичките партии и државата (затоа и „либертаријанскиот“ елемент), да се ослободат од вештачките окови кои им ги поставуваат оние над нив (што ќе им е Сириза тогаш?!). Додека некои луѓе овие идеи ги користат за политички промени и теоретизирање, други, оние похрабрите и попрактичните, ги вметнуваат во нивниот бизнис модел и начин на управување.

Накратко, наместо работникот да претставува обичен извршител на повторливи задачи од неговите менаџери (со што неговиот потенцијал останува нереализиран, тој се чувствува отуѓен од сопствената фирма и производ во чија креација учествува со сопствен труд), тој има слобода суштински, директно да учествува не само во работењето, туку и во управувањето на фирмата. Лично, ми се допаѓа филозофијата на овој менаџмент пристап (се разбира, не применлив за секоја организација).

Имајќи го ова предвид, не е ни малку чудно што Варуфакис беше најмен како економист од Valve, фирма која овие принципи ги има инкорпорирано во својот бизнис модел (одлично образложени во нивниот Прирачник за нововработени). Имено, кога е формирана гејмерската фирма Valve во 1996 година од екс-вработените на Мајкрософт, Гејб Нуел и Мајк Харингтон, првичната цел им била да воспостават модел на работење кој ќе поттикнува на иновации и креативно размислување. И што одговора повеќе на ова ако не слободарски систем во кој членуваат самоодговорни поединци (според Варуфакис, Valve е редок пример на корпорација во која се вметнати слободно-пазарните идеали, или како што вели Глен Рејнолдс, „хаеково работно место“)?!

колумната продолжува со дискусија за бизнис моделот на Valve …

Претходна статијаMicrosoft ја купува Sunrise Calendar, една од најпознатите апликации на Android и iOS
Следна статијаiPhone го престигна Android во САД!