Во претходните два дела од оваа колумна (дел 1, дел 2) објаснивме што се тоа дигитални валути емитувани од централни банки (CBDC) и зошто овој проект не е добра идеја од аспект на приватност, системски ризици, безбедност на платни системи, кочење на иновации, загрозување на постојниот банкарски систем, итн.

Централните банки разбираат дека ако не понудат подобра алтернатива на „дигитални пари“ можат, на среден рок, да ја изгубат монополската позиција врз монетарните политики. Но, идејата позади централно емитувани дигитални валути е сосема спротивна на идејата и концептот на Биткоин и криптовалутите.

Имено, Биткоин е производ на генијалец/генијалци врз основа на повеќе од 30 години истражувања и технолошки иновации + монетарна теорија од Австриска економска школа и либертаријаниска етика. Биткоин е нова визија за алтернативен монетарен систем токму поради незадоволството од постојниот централизиран модел. Во сржта е лимитот на понудата на биткоини (21 милион биткоини вкупно), како неопходност за квалитет на парите и немање можност за нивна политичка манипулација, нешто што оди контра конвенцијалната „мудрост“. И дека парите треба да бидат надвор од контрола на Државата односно дека треба да се производ на пазарот и отворената конкуренција.

Биткоин е промена на целиот модел. Се менува се. Биткоин е радикално транспарентен пазарен „дигитален монетарен систем“ кој гарантира приватност (односно, во оваа фаза, анонимност). Модел за новите генерации кои се „родени со мобилен во рака“. Буквално ништо од елементите и идеите кои се инкорпорирани во Биткоин не се производ на државни иновации и идеи. Патем, сосема обратно – сите интегрални делови во овој модел се токму поради ризиците кон приватноста и слободите од страна на централизирано контролиран модел/Држава. Целото сајферпанк движење е во срж анархистично-либертаријанско.

И во овој систем имаш илјадници фирми и програмери кои иновираат за да го подобрат. Како би можела да се носи со оваа конкуренција една централна банка, која и да е?!

Биткоин цели кон тоа да биде соодветна дигитална замена на кешот – национална дигитална валута ги ништи сите предности/елементи на кешот (приватност, permissionless, итн.). Како што е објаснето во одличниот текст од Hackernoon:

Како телефонот, фотографијата и споделувањето вести се сменија во сржта , парите се последното делче од загатката бидејќи беше најтежок дел да се одгатне. Сега веќе е одгатнат и не постои причина зошто државите да бидат инволвирани во оваа сфера…биткоин е во суштина ист како дигитална фотографија, текст – уште еден сервис за податоци и државата нема право да го контролира, или монополизира концептот.

Секако, во „новата ера“ Централните банки треба да си го најдат своето место како регулатори од типот на државните инспекции за заштита на потрошувачите. Да внимаваат банките да не ја злоупотребуваат својата позицијата. Но, контролата врз монетарните политики ќе биде едно нешто кое градуелно – иако не без борба – ќе биде превземена од пазарот и Биткоин.

Претходна статијаБиодизелот и биоетанолот – решение за намалување на емисијата на штетни гасови
Следна статијаКако Google X иновира?
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.