Shutterstock.com

Во првиот дел објаснивме дека голем дел од централните банки низ светот истражуваат каква би била нивната улога во свет во кој криптовалутите би биле дел од паричната понуда и како би можеле да ја искористат блокчејн технологијата за подобрување на постојниот монетарен систем. Во суштина, тие стратешки се позиционираат да го задржат монополот врз монетарните политики кој донекаде е загрозен од Биткоин.

Чекор назад. Како работат банките и постојниот монетарен систем? На кусо, моделот се заснова на интеракција помеѓу централните банки и приватните банки кои потоа „комуницираат“ со граѓаните. Ако не си лиценцирана банка, пристап до финансискиот систем и платниот режим (со исклучок на кешот) вообичаено можеш да имаш само преку банките. Граѓаните немаат директен контакт со централните банки и платниот систем – одат преку посредници, банките. Доколку централните банки би издавале национални дигитални валути истите директно ќе „комуницираат“ со граѓаните – депозитите, односно дигиталните валути на граѓаните би биле на „сметка“ во централна банка. Што ќе прават централните банки со овие пари? Ако ги чуваат само, ќе се намали депозитната маса достапна за кредитирање; ако централните банки почнат да кредитираат директно, ќе бидат нелојална конкуренција на приватните банки (ваков систем имавме веќе еднаш). Имајќи ја предвид политичката и економската природа на централните банки, парите воглавно ќе завршат во државните обврзници и политички проекти, на штета на сите.

Ова на страна, одличниот Тајлер Коен објаснува дека централните банки по природа се конзервативни бирократски институции кои не се системски подготвени воопшто да водат тип на иновации како што се криптовалутите. Дополнително, самата природа на националните дигитални валути е таква што истите неизбежно патат од централизирана природа (central point of failure) со што се зголемуваат ризиците за фокусирани обиди за хакирања. Доколку се случи упад во системот, интегритетот на централните банки ќе биде срозен. Како што вика и самиот Коен, „запрашајте се: зошто воопшто ниту една централна банка не ни помисли да превземе ризик да иновира/измисли ваков проект како Биткоин?

Бернштен и Шар, истражувачи од ФЕД-от на САД, објаснуваат дека всушност CBDC воопшто не е ни криптовалута. Основната карактеристика – отворениот пристап до монетарниот систем (Биткоин се заснова на permissionless мрежа, секој може да учествува во системот без претходно одобрување од никого) – ако ја нема, всушност станува збор за централно-менаџирани електронски пари. За што всушност не ти е ни неопходен блокчеин. Уште поголем проблем е штом имаш gatekeeper имаш и ризик од snooping & surveillance во финансиската приватност на граѓаните. Особено што државите имаат посебен поттик да ја злоупотребуваат приватноста.

Се на се, според Бенрштен и Шар „криптовалутите се се’ уште проект заснован на многу млада технологија и постојат многу непознати ризици. Севкупно, веруваме дека креирање на Fedcoin или било која друга дигитална валута издавана од централна банка е во одредена мера наивен потег“.

Други економисти од ФЕД-от (очекувано, американците имаат разбирање на комплексни системи и не се до толку наивни како про-етатистичките колеги од Европа) дополнуваат дека и сега американците имаат одличен систем на retail електронски плаќања со автоматизиран и ефикасен клиринг и начини преку е-банкарство и разни апликации за инстант плаќања меѓу себе. Приватниот сектор е иновативен и државата треба да обезбеди само соодветна рамка во која разни решенија ќе се натпреваруваат за потребите на граѓаните наместо централизиран пристап од една институција.

Едноставно, реално нема ниту голема потреба за CBDC ниту пак е добра идеја.

Но, почнуваат да се појавуваат преживувачки инстинкти. Природно е. Алтернативата е сериозно опасна по монополот на централните банки врз монетарната политика.

Претходна статијаMicrosoft може да го пушти нивниот Android телефон Surface Duo порано од планираното
Следна статијаFacebook Messenger дополнително поедноставен со главен акцент на разговорите
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.