Google Х е познатата „moonshot фабрика“ на Google – фирма-ќерка, или поточно, корпоративна, приватна лабораторија за истражување фокусирана целосно на „решавање на најголемите проблеми на човештвото преку измислување на радикални нови технологии“. Основана е во 2010 година откако познатиот научник по роботика од Стенфорд, Себастијан Трун успешно го лансираше проектот Шофер, за автономни возила. Х беше оформена со цел да му се дадат целосно одврзани раце на Трун да експериментира со moonshot проекти, без финансиски притисок да постигне резултати и профит.

Тие што ги следат знаат дека веќе работат на автономни возила (веќе проектот е прераснат во посебна компанија, Waymo), контактни леќи кои мерат шеќер во капка солза кај дијабетичари (Verily), и ред други проекти, од кои дел на крај ги откажаа (пр. креирање ново „чисто“ гориво од морска вода, Google Glass, итд.).

Дополнително, дел од експериментите во Х се дел од производите на Google – на пример, Google Brain, deep-learning софтверот е интегрален дел на Google Search, Translate, итн.; Wear OS, оперативниот систем на Android за wearable уреди; и др.

Во одличен TL;DR текст на Wired има повеќе детали за Google Х. Она што ми фати око е нивниот процес на иновации. Како решава Google Х на што ќе работи, особено што нема строга корпоративна хиерархија, притисок за резултати и поделба на одговорности?

Се започнува од конференциски состанок на почетокот на неделата. Се собира целиот тим и презентира идеи. Moonshot проект треба да адресира значаен глобален проблем, да инволвира радикален нов изум/технологија и доколку е успешен да донесе радикална промена – „најмалку 10х подобар од денешната состојба“. После презентацијата, сите имаат задача „системски да го убијат предлогот“. Доколку се сложат дека некој проект е moonshot го превзема т.н. Rapid Evaluation тим – тим од членови кои ротираат со различна експертиза кои треба да евалуираат како проектот би успеал во најлошо сценарио.

Скоро сите проекти ги „убиваат“ во оваа фаза – прескапи (дури и за Google), прекомплексни, се косат со закони на физиката, итн. Оние неколку проекти кои ќе ја преживеат оваа фаза преминуваат во фаза на „испитување“ – мал тим кој треба подлабоко да го анализира концептот. Само оние идеи кои ќе ја поминат и оваа фаза, стануваат проекти – добиваат тим и буџет. Веднаш тимот треба да постави сопствени performance milestones и „kill targets“ – цели кои ако не ги оствари до одреден период автоматски самите ќе го прекинат проектот, ќе објават paper со истражувањето и ќе си добијат бонус.

Звучи забавно?

П.С. На крајот на текстот на Wired ми фати око еден интересен момент. Во 2015 Брин и Пејџ ја реструктуираат Google во Alphabet и почнува притисок на сите за резултати. Во случајот на Google Х, да произведува нови успешни старт-апи кои ќе бидат профитабилни. Телер, сегашниот лидер на Х, на ова одговара: „работите кои губат пари стануваат се помали, а оние кои прават пари растат. Долгорочна цел/значење и профитот не се во спротивност. Двете се во интензивна синергија.“

Претходна статијаКриптовалути од централни банки: Добра или лоша идеја? (дел 3/3)
Следна статијаПолитика без [професионални] политичари?
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.