Shutterstock.com

Во првиот дел од оваа колумна презентиравме сумирани податоци зошто обвновлите извори на енергија се далеку од решение за проблемот со климатските промени, без разлика какви политики би превземале. Објаснивме зошто ако се развиваат работите со постојната динамика, што е сосем солидна и сериозно поттикнувана со разни субвенции, закони, едноставно со многу кеш, ќе ни бидат потребни над 200 години да изградиме глобален „чист“ енергетски систем.

Факторот кој менува многу во оваа приказна се нуклеарните централи. Енергијата која се добива од нуклеарни централни се смета за воглавно „чиста“ – барем од аспект на емисии на стакленички гасови (радијација, хаварии и проблемот со нуклеарниот отпад е друга приказна и да ја оставиме на страна). Луѓето со причина се загрижени за ризиците од нуклеарни централи, особено по неколкуте познати инциденти (кои, сепак, освен хаосот во социјалистичките земји, горе-доле успешно се изменаџираа низ западните земји). Како резултат, се разви силно анти-нуклеар движења низ цел свет, особено во Германија. Германија ќе ги згасне сите нуклеарни централи до 2022 (досега затворија 11). А Германија е еден вид на експеримент, тест држава за останатите земји кога станува збор за ова прашање.

Како што објаснуваат од Wired, проблемот е што енергијата која се добива(ла) од нуклеарките во Германија била замената со енергија која се добива од централите на јаглен кои истовремено испуштаат 36мил тони јаглерод диоксид на годишно ниво. Како резултат, емисиите на CO2 се зголемиле за 5%. Според проценките на едно истражување од научници од Беркли, уште поголем проблем е што зголеменото горење јаглен води до зголемено загадување што се проценува дека е виновно за дополнителни 1,600 луѓе годишно од респираторни или кардиоваскуларни заболувања. На страна што самото справување со загадувањето изискува сериозни трошоци (во Германија, проценките се дека ова е ~12милијарди долари годишно). Едноставно кажано, работата е полоша него со нуклеарните централи, земајќи го предвид и ризикот од топење на јадрото (значи, тешка хаварија) и трошоците за справување со нуклеарниот отпад.

Од Обединети нации, па и сите посериозни агенции, се едногласни дека ако сакаме да се справиме со климатските промени, нуклеарните централи мора да бидат дел од решението (пр. во САД учествуваат со 2/3 во енергетскиот микс на „чиста“ енергија). Сепак, политичките пречки се големи. Па и економските. Нуклеарките во услови кога обновливте извори на енергија јадат сериозни субвенции а јаглен-централите не го сносат целиот трошок од сопственото работење (загадувањето го плаќаат нашите бели дробови и „плави картони“), не се баш конкурентни.

Добрата вест е што Америте веќе работат на нов тип на нуклеарни реактори (т.н. NuScale реактор) – мали, модуларни, лесно преносливи и со модерен дизајн. И се очекува да ги минизираат сите стандардни ризици со нуклеарните централи кои постојат денеска – нема да има потреба од големи количини на вода за ладење, ниту пак големи евакуациони зони околу; ќе може да се пренесе на било која локација и ќе издржи било каква хаварија без топење на реакторот.

Едноставно, наука и капитализам.

Претходна статијаЛекции по иновација од Tesla
Следна статијаЕлектричните возила се чисти само доколку користат струја од обновливи извори
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.